Николов: Смешно е 11-милионска Грција да се плаши од 2-милиони Македонци

Спорот на Грција со Македонија е „лудило на историјата“ констатира бугарскиот публицист и продуцент Богдан Николов. На својот фејсбук профил, осврнувајќи се на деценискиот спор, Николов коментира дека нема логика една држава да и пречи на друга заради името нејзино, кое се совпаѓа со именувањето на област во другата држава.
– Лудило на тема историја ли е ова? Звучи нерационално, бидејќи факт е дека колку се посилни трговијата и туризмот меѓу две страни, толку подобри се односите меѓу нив. Се останато – политички ставови, “стратешки” партнерства, историја итн…, не може да ги замени овие две најважни работи. Стравува ли Грција од територијални претензии од страна на Република Македонија? Хахаха, исклучително добро вооружената 11-милионска Грција да се плаши од територијални претензии од страна на 2-милионската речиси невооружена Република Македонија? Тоа е толку смешно што дури и не вреди да се коментира, пишува Николов.

Според него овој спор е исто толку апсурден како и кога Англичаните од градот Јорк би покренале спор против Американците од Њујорк. Името, според него, е идентитетско обележје, но не ја дефинира определбата на државата, како што ниту името на човекот не го одредува неговиот карактер.

Инаку Николов е бизнисмен, но и продуцент и уредник во седмичната политичко-економска интернет емисија на Јутјуб „Верижна ре(д)акција“.

SHARE