Никос Коѕијас денеска ќе долета во Скопје  

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас денеска треба да допатува во Македонија во дводневна посета што беше најавувана уште во февруари.

Министерот Коѕијас се очекува околу 18 часот да слета на Меѓународниот аеродром Скопје придружуван од десетина соработници и 15 новинари и тоа е прв лет на релација Атина Скопје по 12 години.

Предвидени се средби со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и претставници на македонската влада на кои ќе бидат разгледани нацрт спогодбите за надминување на „спорот“ што ги разменија двете земји.

Позициите на Атина во грчката нацрт спогодба се повеќе или помалку познати и се однесуваат на седум точки, а за три од нив – името „Горна Македонија“, за акронимите и за „иредентистичките“ наводи – наводно веќе била постигната е согласност, пишуваа грчки весници.

Коѕијас ќе ги започне своите контакти со домаќинот, министерот Никола Димитров. По средбата, грчките и скопските новинари ќе бидат информирани за средбата на заедничката прес-конференција.

Коциас потоа ќе се состане со премиерот на земјата Зоран Заев и вицепремиерот за односи со ЕУ, Бујар Османи. За време на дводневната посета предвидени се средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски.

ОСредбите, како што оценува грчлка „Ефимирида“ ќе бидат во сенка на изјавите на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој само 24 часа пред доаѓањето на Коѕијас рече дека додека преговорите се на врвот, „некои грчки позиции се граничат со апсурд“. Кругови во Атина дури  изразија изненаденост какви преговори очекува Димитров кога ги користи такви квалификации.

По средбата во Скопје, ќе следува нова рунда разговори на 30 март во Виена на која ќе учествува и медијаторот во разговорите за разликите околу името, Метју Нимиц.