ФОТО: РОЈТЕРС

Претседателот на Европска комисија, Жан Клод Јункер, во Тирана изјави дека Србија нема нужно да стане членка на Европска унија до 2025 година, пренесуваат белградски медиуми.

Според Јункер, 2025 година е само „можен датум за пристапување“ во ЕУ за сите земји од Западен Балкан, а не само за фаворитите, пренесе Ројтерс.

„Спротивно на она што го читаме секаде, Комисијата и јас не рековме дека Србија и Црна Гора нужно ќе станат членки на ЕУ во 2025 година“, изјави Јункер за новинарите во Тирана.

Ројтерс потсетува дека Србија и Црна Гора се сметаат за фаворити за пристапување во ЕУ и дека Албанија и Македонија очекуваат да добијат „зелено светло“ за пристапни преговори со Унијата во јуни.

Во рамките на балканската турнеја, Јункер денеска е во Белград, откако вчера ги посети Македонија и Албанија.