Обединета македонска дијаспора: Рама како Милошевиќ во 1990-тите

Loading...

Обединета македонска дијаспора (ОМД) реагира на изјавите на албанскиот премиер Еди Рама во косовскиот парламент дека „Албанија и Косово ќе имаат заедничка надворешна политика, а не само заеднички амбасади и дипломатски мисии“ и „Зошто да нема дури и еден претседател како симбол на националното единство и на заедничката национална безбедносна политика?“.

„Земајќи го предвид фактот дека градењето на добрососедски односи помеѓу државите од Југосисточна Европа е еден од основните предуслови за членство во Европска унија и НАТО, ОМД смета дека последната изјава на премиерот Рама е спротивна од она што евроатлантската заедница го бара од земјите со кандидатски статус, кое наместо да ги подобри односите во регионот, претставува ризик за негова понатамошна дестабилизација. Воедно, ваквата националистичка реторика на премиерот Рама, ОМД смета дека наликува на националистичката политика на Слободан Милошевиќ во 90-тите, која наместо кон стабилизација, води кон спротивен исход во земјите од Западен Балкан. За земја-членка на НАТО-алијансата како Албанија, а истото може да се каже и за Бугарија и за Грција, ОМД смета дека ваквата реторика придонесува за поттикнување на национализмот на Балканот, која наместо да наиде на критика и осуда од страна на евратлантската заедница, таа е премолчена како начин на нејзино одобрување. За една безбедносна и економско-политичка алијанса, какви што се Европска унија и НАТО, ОМД верува дека е недопустливо пропагирањето на националистички, недемократски и непринципиелни политики, кои евидентно преовладуваат кај овие земји-членки. Сметајќи го предлогот на премиерот Рама за заедничкото претседавање на Албанија и Косово, како една од политиките кои Европска унија и НАТО не смеат да ги допуштат поради својата националистичка содржина, која наместо ‘симбол на националното единство’ на Албанците кои живеат во регионот, повторно го разгорува сомнежот за евентуална интервенција во домашната политика на Република Македонија преку Тиранската платформа, неспорно претставува ризик за понатамошна дестабилизација на Балканот, на Европска унија и пошироко“, стои во реакцијата на најголемата иселеничка организација на Македонците во светот.