“Без разлика со кого ќе играме, наша цел се две победи и првото место. Сакаме Европската лига да ја завршиме со сите осум победи. Не смееме да се опуштиме и да не залажат шесте успеси во групата. Одиме за Данска максимално подготвени и сите сме со една цел – освојување на златото”, вели капитенот и убедливо најдобриот играч во нашата одбојкарска репрезентација Никола Ѓоргиев пред тргнување на Ф-4 натпреварите од Европската лига.

Македонската машка селекција денеска отпатува, а во претстојниот викенд ќе учествува на завршниот турнир од Европската лига на кој во полуфиналето не очекува домаќинот Данска. Тоа е средба в сабота од 19 часот, а три часа претходно се среќаваат Шведска и Украина.

Македонија две сезони по ред играше финале и губеше од Словенија и од Естонија, но никогаш не беше во ваков ритам. Шансата на генерацијата е со триумф во Европската лига да се обезбеди место во втората група од Светската лига за следната сезона, нешто што нам до сега не ни се случило.

Во недела од 16 часот во градчето Гентофте е натпреварот за третото место, а од 19 часот е финалето.