Од Борисов бараат да не се извинува за македонските Евреи во Скопје

Национален фронт за спас на Бугарија (НФСБ) на бугарскиот вицепремиер Валериј Симеонов го повикува премиерот Бојко Борисов да не се извинува за судбината на Евреите од вардарскиот дел на Македонија и од беломорска Тракија при неговата утрешна посета на Скопје, каде што ќе присуствува на комеморацијата за жртвите на холокаустот.

„Такво извинување значи дека Бугарија и бугарскиот народ ја преземаат вината за трагичната судбина на тие луѓе испратени во концентрационите логори на смртта. Односно, Бугарија ќе ја преземе вината за злосторства извршени од друг режим и од друга држава – Хитлерова Германија“, се вели во декларацијата на партијата, која е „категорично против“ тоа Борисов да се извинува за депортацијата на Евреите од овие простори во Втората светска војна контролирани од царството Бугарија.

Бугарија ги спаси сите свои 48.000 еврејски граѓани, но не го запре депортирањето на други 11.343 лица од присоединетите територии во текот на војната.

Во спомен на жртвите на холокаустот Борисов и неговиот македонски колега и домаќин Зоран Заев на утрешната 75-годишнина ќе положат венец на споменикот во Скопје на еврејските жртви од територијата на денешна Република Македонија по депортацијата во логорот Треблинка.