Од летово и полска авиокомпанија воведува летови до Скопје

LOT Polish Airlines ова лето значително ќе ги зајакне своите операции во земјите од поранешна Југославија откако реши да ги додаде Дубровник и Скопје како нови дестинации.

Авиокомпанијата го идентификуваше балканскиот регион како важен пазар за идниот развој. Полскиот национален авиопревозник ќе звоведе шест летови неделно до Дубровник ова лето, што ќе биде петта дестинација во Хрватска по Загреб, Сплит, Пула и Задар, од кои последните три се само во текот на летото.

Друга нова дестинација во мрежата на LOT оваа година е Скопје, до каде ќе се воведат летови шест пати неделно.

Превозникот истакнува дека иако новата услуга ќе им обезбеди можности на полските туристи во поголем број да ја откријат Македонија, нејзиниот главен фокус е на патниците кои сакаат да патуваат до САД, Канада и Скандинавија.

„ЛОТ ќе им понуди на патниците од Македонија најудобни врски со Скандинавија и со Западна Европа, како и со аеродромите во кои летаме во Северна Америка. Сигурни сме дека новата понуда ќе ги исполни очекувањата на патниците кои патуваат за бизнис и одмор“, соопштија од  авиокомпанијата.

Авиокомпанијата, исто така, планира да ги зголеми своите фреквенции до Белград ова лето од девет до единаесет летови неделно.