ОМД до Вајгл: Кој ви даде легитимитет за тајни преговори во Париз?

Обединета македонска дијаспора (ОМД) јавно го праша известувачот за Македонија во Европски парламент, Иво Вајгл, „на што се базира легитимитетот за иницијативи за нетранспарентни меѓупартиски преговори и разговори во Париз, во куќата на Жан Моне“. И зошто тие да не се одржат во куќата на Блаже Конески во Небрегово или во таа на браќата Миладиновци во Струга, „без меѓународни посредници, почитувајќи ја сувереноста на Македонија“.

„Оркестрирана демократија води кон тотален хаос и неспокој. Застапувајќи ги вистинските европски вредности, заложете се македонскиот народ и сите останати етникуми во Македонија самостојно да си го најдат и изградат патот кон европското семејство. Тоа можете да го постигнете само со немешање во сувереноста и внатрешните работи на Македонија и со спротиставување на шовинистичката политика на некои соседни земји кон Македонија“, му порача на европратеникот најголемата организација на Македонците надвор од Македонија. „Ве повикуваме во името на демократијата и на вистинските европски вредности, наместо да се залагате за нетранспарентни и тајни преговори меѓу политичките партии далеку од јавноста во Македонија, да се заложите за афирмација на македонската држава, народ, јазик и култура во институциите на ЕУ и овозможување на Македонија да ги започне преговорите за влез во ЕУ“.

ОМД го потсетува Словенецот дека единствено Македонија и неговата матична држава пред 28 години ги исполнија критериумите на Бадентеровата комисија за осамостојување од Југославија.

„За разлика од Словенија, Македонија е директен заложник на непринципиелната политика на ЕУ сите овие години. Одговорноста за моменталната состојбата во Македонија не е само на македонските политички партии во изминативе години, туку и на целосно недемократската и дволична политика на Европска Унија кон Македонија, посебно на Европска комисија и на Европски совет, институции кои, штитејќи ги шовинистичките интереси на една ваша земја членка, и покрај тоа што има пресуда и осуда од меѓународен суд, како и преку нетранспарентни политички договори во Пржино под покровителство на ЕУ, ја оневозможија Македонија да го обезбеди заслуженото место во европското семејство“.

 

Оставете коментар