Омраза, „проевропски“ и „антиевропски“ Македонци, колумна на Горан Момироски

Прогласот на групата од околу 200 македонски интелектулци кои што од политичките лидери следејќи ги меѓународните конвенции за човекови права и за правата на државите побараа да ги прекинат преговорите за името, не потсетија на старите мизерни и навидум заборавени македонски теми. Недостаток на толеранција за различни мислења и омразата, се уште скриена во дел од ткн опинионмејкери.

Иако во својот проглас кој иницијално го потпишаа 200 а по објавувањето го потпишале уште 12 илајди луѓе (процесот на потпишување сеуште е отворен) потписниците и авторите не нападнаа ниту еден конкретен човек, никого не навредија туку само го изложија својот став за работите кои што Македонија не смее да ги направи, беа дочекани на нож.

Нивните критичари индиректно или директно ги нарекоа лажни интелектуалци, будали, малоумни и со други погрдни зборови. Без разлика дали се работи за организирана кампања или пак за индивидуални ставови, дебатата за прогласот иако критичарите понудија и некакви аргументи се претвори во шиканирање и критика на вербален деликт.

Да наречете било кого (а овде се работи за истакнати припадници на македонската академска, научна и бизнис заедница) малоумен и будала, макар и преку стилска фигура е сигурен знак дека со вас нешто не е во ред или пак дека одработувате за тие на кои што не им одговараат барањата во прогласот.

Со оглед на тоа што најголем дел од медиумите блиски и на власта и на опозицијата целосно или делумно го игнорираа прогласот јасно е дека тој предизвика хаос и кај двете најголеми македонски политички партии и тој не им одговара и на СДСМ и на ВМРО – ДПМНЕ.

На СДСМ не им одговара затоа што преку аргументите во него обичниот граѓанин добива целосна а не парцијална слика за позадината и последиците од менување на името земјата. Уште поопасно за власта е тоа што овие аргументи ги промовираат луѓе кои што биле членови на Венецијанската комисија и на други релевантни меѓународни организации а не партиски апаратчици и претседатели на општински комитети.

На ВМРО – ДПМНЕ прогласот не му одговара затоа што тој може да ја премисли актуелната власт навистина да да закочи и повторно по кој знае кој пат да го остави проблемот за решавање кога ќе дојде до смена на власта. А јасно е дека решавањето на спорот за името е правопропорционално со брзината со која власта ќе замине во опозиција.

Всушност за двете најголеми партии опасноста е во тоа што за прв пат по долго време во земјава се појавува група која што може да анимира, да провоцира и да ангажира поголем човечки и интелектуален капацитет и да ја наруши лагодната позицијата на партиите. Затоа со потписниците се игра вака насилно и жестоко.

Во изливот на омраза за која мислевме дека е зад нас по промена на власта и новиот „живот за сите“ критичарите се користат со три тези кои што ако не беа смешни ќе беа тажни. Интелектуалците се етикетираат како а) антиевропејци и б) вмровци б) руски играчи.

За последната етикета аргументите се силни само ако за проруска афилијација се смета љубовта кон поезијата на Љермонтов, кон фабулата на Доктор Живаго или делата во музејот Ермитаж во Санкт Петерсбург. Затоа што ниту еден од потписниците барем јавно досега не заговарал било какви посебни политички проруски ставови.

Без воопшто да направат анализа на списокот на кој што има и сегашни и поранешни членови на СДСМ, и длабоко непартиски личности, и луѓе кои ги критикувале сите партии, сите потписници беа фрлени во една од трите погоре наведени категории. И веднаш по кратка постапка им го одземаа правото да започнат суштинска дебата за суштинско прашање.

Колку критичарите се површни и колку од нив говори омразата и бесот говори и фактот што на потписниците им се спори и фактот дека тие се интелектуалци иако во прогласот тие воопшто не го користат овој назив за себе. За интелектуалци ги именуваа медиумите кои што ја отворија дебатата на оваа тема и затоа тие што навредуваат требаше да ги навредат медиумите кои што така ги чувствуаат потписниците.

Во одсуство на аргументи критичарите се користат со називи будали, малоумни и слично но најинтересно е што тие што до вчера ја критикуваа за реториката патриоти версус предавници а сега самите започнаа со поделба на проевропски и антиевропски, на антируски и проруски.

За етикатата вмровци веќе не е ни вредно да се говори затоа што од поодамна во оваа група, полека но сигурно влегуваат сите што ги критикуваат потезите на владата. Колку е апсурдна оваа ситуација говори и случајот од пред извесен период кога и еден Албанец поради своите критики беше обвинет за „вмровство“.

Впрочем со вакви неаргументирани напади критичарите и нивните наредбодавци ја уриваат позицијата на премиерот Заев кој во својата влада има многу луѓе кои што во времето на ВМРО – ДПМНЕ биле нивни истурени играчи. И да ги оставиме членовите на ДУИ кои што од СДСМ беа прогласувани за војводи и вмровци тука е министерот Никола Димитров кој цели 8 години во владата на ДПМНЕ беше висок државен функционер и дипломат чија единствена цел беше влез во НАТО и ЕУ. А тој ниту еднаш во последниве години не беше прогласен за вмровец што не е случај со потписниците на прогласот од кои дел често пати упатувале силни критики за Груевски неговата партија. Двојни стандарди во секој случај.

Тие што стојат зад критичарите на прогласот, затоа што од далеку мириса на добро организирана кампања, имаат за цел да прикажат дека 200 луѓе од кои голем број живеат токму во Европа а речиси сите имаат директни професионални и лични контакти со Европа, се антиевропејци.

И тука навистина треба да се заврши дебатата или барем оваа колумна, затоа што и на полуинтелектуалец му е јасно колку се нападите мизерни и неосновани. Дадени во бес и омраза за која мислевме дека Македонија ја оставила зад себе.

П.С.

Лично со дел од ставовите на прогласот не се согласувам целосно, како што со дел од потписниците не комуницирам со години, (некои ме блокирале на Фејсбук) но времето во кое живееме не ни дозволува да ги гледаме личните интереси и со навреди да ја одземеме можноста на било кој да го каже својот став. Особено за историски важни теми како името и идентитетот.