Орданоски: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договориле за директор на МТВ

Loading...

Марјан Цветковски е реизбран за генерален директор на МРТВ, со одлука на Програмскиот совет на јавниот радиодифузер, но всушност се работи за договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и тоа потпомогнат од „меѓународниот фактор“ за „вмровскиот директор“ и натаму да остане на чело на државната телевизија.

Со вакво тврдење, кое се темели на „моите добро упатени извори“, излезе новинарот Сашо Орданоски, кој патем и самиот своевремено беше директор на МРТВ.

Во колумната со наслов „Кога џукелите завиваат“ Орданоски пишува дека Цветковски кој вчера по третпат е избран на функцијата, ќе биде директор со најдолг стаж во историјата на јавниот сервис, иако за него има бројни афери по кои, според Орданоски, тој единствено е и познат. Но и покрај тоа, договорот бил тој да остане на своето место, барем уште извесно време;

„А сега малку „готвачки специјалитети“ од новинарските кујни: ако се во право моите добро упатени извори, реизборот на г. – како се викаше, бе?… – Цветковски, наводно, е резултат на „договор“ (?!) меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ (?!), со согласност на „меѓународниот фактор“ (?!), за тој да остане на таа функција до усвојувањето на новиот Закон за медиуми, што ќе треба да се случи до крајов на годинава, а потоа, со бирањето на нов Програмски совет на МРТВ, чиј реизбор ќе се пропише во новиот закон, би се одело и на бирање на нов генерален директор, за да може г. – како се викаше, бе?… – Цветковски малку да здивне по напорното раководење со ТВ Нова. Пардон, со МРТВ.
Мене ако ме прашувате, г. – како се викаше, бе?… – Цветковски ќе си остане на челната функција на МРТВ полни три, нови години. Побрзо ќе биде дека оваа Влада на г. Заев ќе падне од власт, пред да се гласа каков било нов закон за медиуми, одошто дека некаков нов Програмски совет на МРТВ ќе бира некаков нов директор на МРТВ“ – пишува Орданоски.