Османи во унитарна држава ќе црпи јазични искуства од конфедерација

Заменик-претседателот на македонската Влада задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на денешната средба со заменик-државната секретарка во Министерство за надворешни работи на Швајцарија, Кристина Марти Ланг, ја посочи нејзината држава како „значајна политичка и општествена инспирација за Република Македонија, како позитивен пример за функционално мултикултурно општество“.

„Швајцарските искуства во организацијата и во примената на мултијазичното општество ќе претставуваат значаен инпут за поефикасна имплементација и на новиот Закон за употреба на јазиците во Република Македонија“, смета Османи.

Швајцарија е конфедерација во која службени јазици се германскиот, францускиот и италијанскиот, односно на трите народи што имаат свои матични држави, како и ретороманскиот, кој го зборуваат само 0,6 проценти од 8,3 милиони жители на алпската земја.

Македонија, пак, е унитарна држава, матична на македонскиот народ, во која во преамбулата на Уставот се наведени и граѓаните кои живеат во нејзините граници како делови од албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот народ и други. Службен јазик е македонскиот, а во општините во кои живеат над 20 проценти од заедниците што не се мнозинство на државно ниво, службен е и нивниот јазик.