Османи го добил предлогот за името од Атина, Димитров го чека од Њујорк?!

„Предлог немаше воопшто на масата. Одлучивме да го охрaбриме медијаторот Метју Нимиц што е можно побрзо, можеби уште сега идната среда, да излезе со една првична рамка што ќе даде надеж за суштински напредок. Најавивме спремност како министри да се вклучиме во тој процес“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју на ТВ 21.

Тој го потенцираше фактот дека меѓу Грција и Македонија постојат разлики и допрва треба да се види дали е можно тие разлики да се надминат. Смета дека за Грција е важно да има појасна дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција, а за нас, пак, е многу важно да нема никаков сомнеж во идентитетските прашања.

„Предлогот на Нимиц нема да биде ‘земи или остави’, туку предмет на консултации за да видиме дали можеме да изградиме заеднички став. Ова е еден товар што заеднички мора да го носиме. Прашањето за идентитетот создава една несигурност – што сме ние од утре. Ако тоа го доведеме во прашање тогаш нема да ја надминеме оваа рамка. Прашањето како ние се чувствуваме и нашиот идентитет не смеат да бидат предмет на амин на една соседна држава ниту на една меѓународна организација“, рече Димитров во интервјуто за ТВ 21.

Само пред неколку дена истата телевизија на албански јазик, повикувајќи се на добро информирани дипломатски извори, објави дека вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи при посетата на Атина добил предлог за промена на името на Република Македонија, како и дека предлогот се разликува од имињата со кои се шпекулираше во последно време, како: Нова Македонија или Горна Македонија.

Телевизијата 21 важи за блиска на ДУИ и одлично информирана а во нејзиниот менаџмент има лица кои блиску соработувале со вицепремиерот Османи.

 

Оставете коментар