„Малку е претерано да се каже дека можат Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија да го заземат испразнетото место по заминувањето на Велика Британија од ЕУ. Како политичко мислење тоа е – наивно.

Еврокомесарот Јоханес Хан неодамна изјави дека можеби ЕУ може да се прошири со Црна Гора и Србија до 2025 година, но сметам дека е тоа илузорно“, вели во емисијата „60 миинути со…“ на ТВ Алфа, Јоргос Пападакис, новинар и претставник на партијата  „Виножито“ членка на Европската слободна алијанса (ЕФА) во Брисел.

Нема никаква основа за тоа, вели Пападакис според кој споменатите држави ниту инфраструктурно не се подготвени за членство во Унијата, ниту пак постои политичка воља каква што имаше при приемот на Романија и на Бугарија кои, реално, не беа подготвени за влез во Унијата, но тоа беше политичка одлука.

Тој смета дека ЕУ како да покажува интерес да финансира проекти кои во суштина значат „бајпасирање“ на Западен Балкан. На пример најавата дека ќе се финансирал автопат од Атина кон Софија, Букурешт се до Балтичкото море, со што Западен Балкан се остава како голема „црна дупка“ во срцето на Европа.

ЕУ сега се соочува со внатрешни проблеми – британскиот „брегзит“, на пример. Потоа, мора да го реши и проблемот со Каталонија, но и на други „каталонии“, вели Пападакис.

„Што ќе прави сега господинот Јункер или Рахој и сите тие кои не гледаат ништо подалеку од нивниот нос. Што ќе прават ако пак победат силите за независност на Каталонија. Пак ќе кажат дека е тоа нелегитимно и истото ли ќе го прават со следната ‘каталонија’ зашто има и други ‘каталонии’ како што е Шкотска, Јужен Тирол, Баскија… дали тие проблеми ќе се стават под маса“.

Поради тие причини, вели Пападакис околу проширувањето на ЕУ „ќе има вртење во круг уште неколку години, можеби десет, а можеби и повеќе…“

Целата емисија може да ја погледнете тука.