Петир уште еднаш: Македонија веќе има свое име и не ѝ треба ново

Маријана Петир, хрватска европратеничка и основачка на Група пријатели на Република Македонија во Европски парламент, уште еднаш им изрази поддршка на македонската држава и на македонскиот народ.

„Македонија веќе има свое име и не ѝ треба ново“, напиша таа на „Твитер“ додавајќи срце на крајот од својата порака како одговор на преземениот твит на својот профил: „’A friendship as strong as steel!’ (Пријателство цврсто како челик). Покрај многуте македонски знамиња, на протестите во Австралија се вееше и братското хрватско знаме! Поддршка од Хрватите и во теорија, но и во пракса, класичен пример “.

Владата на Зоран Заев минатата недела ја известила Петир дека таа веќе нема да биде шеф и оти ќе се формира нова група пријатели на Македонија.

Само неколку дена претходно Обединета македонска дијаспора (ОМД) на свеченост по молитвениот појадок во Вашингтон ја одликува со наградата „македонско пријателство“ за сè што има направено за Македонија и за македонскиот народ.