“Повторно” убиен “Крвникот од Качаник”

Лавдрим Мухаџери (29) , попознат како Абу Абдулах ал-Косова, водач на албанските џихадисти во Сирија и Ирак за кого неколку пати беше јавено дека е убиен, е убиен при бомбардирање на ирачкиот град Мосул.

Мухаџери потекнува од Качаник, а заедно со Билал Хаќифи исто така од Косово, убиени се во полноќно бомбардирања на седми јули, објави денеска „Тирана обсервер“, пренесува Фактор.мк.

Најновата вест за смртта на, како што пишува електронското издание на приштински „Експрес“ „Касапот од Качаник“, ја потврдило и неговото семејство.

Косовската полиција потврди дека има информации за убиен Косовец, но нема потврда дека тоа е Мухаџери. Тој по објавените фотографии каде сече глави на млади момчиња, го доби псевдонимот „Касапот од Качаник“ или “Крвникот од Косово”. Пред да замине во редовите на „Исламска држава“, работел во американската база Бондстил во Косово, а претходно бил ангажиран за НАТО во Авганистан.

Тој извесно време беше водач на џихадистите Албанци на боиштата во Сирија и Ирак, а лани, кога беше тешко ранет, го замени Ридван Хаќифи. Вториот убиен косовски државјанин е Билал Хаќифи, брат на Ридван.

SHARE