Ако не се постигне целта да  заздрави економијата и да се крене стандардот, ќе мора, поради дупката во ПИОМ, да се зголеми возраста за пензионирање и височината на придонесите, соопшти вчера премиерот Зоран Заев.

„Веројатно ќе треба да се повлечат непопуларни мерки“ рече премиерот одговарајќи на прашањето на пратеничката од СДСМ, Фросина Ташевска–Ременски за недостигот од пари во ПИОМ додавајќи дека „ова е важно прашање зашто актуелнитe пензионери се загрижени, но идните пензионери треба да бидат уште позагрижени.

Секоја година државата ја покрива „дупката“ во ПИОМ и оваа година таа е приближно 500 милиони евра. Тоа се пари што државата мора да ги внесува во Фондот и ако не е тоа, тие пари би се користеле за изградба на патишта, школи, болници, рече премиерот Зоран Заев во Собранието, пренесува порталот„Либертас“.

Премиерот рече дека дека Светската банка е ангажирана да се направи комплетна анализа на ПИОМ.

Деновиве од ММФ препорачаа подигнувањето на прагот на заминување во пензија од сегашните 62 години за жени и 64 за мажи, но и на висината на пензиското осигурување.

Тоа предизвика реакции од страна на синдикатите, од некои компании, но и во јавноста бидејќи многумина сметаат дека продолжувањето на работниот век и зголемувањето на придонесите за пензиско осигурување ќе има негативен ефект, меѓу другото, и на можноста младите да дојдат до работно место.