Покана за во Влада? Не фала, “живеј” – колумна на Горан Момироски

Неколку колеги и пријатели деновиве ме прашуваат како сум поминал на брифингот за новинарите со премиерот Зоран Заев.

На сите во шега им одговорив дека средбата беше конструктивна и дека многу сум задоволен од кажаното. Дури подоцна им открив , пак на шега, дека конструктивноста пред се се должи на тоа што не бев поканет на средбата на триесетина влијателни новинари и уредници кои беседеле на темата име и спор со Грција.

Одговорот на нивното второ прашање: како е можно и јас да не сум меѓу поканетите е едноставен без разлика што сум еден од оние што најдолго и најинтензиво го следат процесот и што грчките медиуми и тинк тенкиви постојано бараат став од мене. Формално не сум ниту главен уредник ниту пак се чувствувам влијателен а тука очигледно имаме исти ставови со владата.

Тие што ме знаат, знаат дека не сум суетен и дека ако состанокот на премиерот со колегите бил позитивен и носи некаков добар резултат можам само да го поздравам.

Всушност, состанокот сакам да го искористам за потенцирање на еден друг проблем. Игнорирањето на владините министри на мојата емисија 60 минути на Алфа ТВ.

И веднаш да бидам јасен, проблемот не е мој туку на владата која што и покрај европските и американските препораки, практично ја елиминира публиката на единствената опозициска национална телевизија од својата комуникациска стратегија.

Не можам да зборам во име на уредништвото и менаџментот на ТВ Алфа, но смеам да кажам дека е жално што за 9 месеци само Оливер Спасовски собра храброст да се соочи со новинар на Алфа (Кети Гетева). Уште пожално ќе биде кога странците ќе почнат да ги караат дека не смеат да го прават ова и ќе почнат сами да се јавуваат за интервјуа.

Се разбира мора да се каже дека во “60 минути” дојдоа и двајца министри без ресор, Самка Ибраимовски пред да биде сменет како и Аднан Ќахил и им благодарам за тоа. Ако збориме за математика не сум прав, дошле околу 12 % од министрите, но ако зборуваме реално многу сум во право.

Веројатно, сметаат во ПР тимот на Заев, дека тактиката на старото ВМРО – ДПМНЕ да не се оди во опозициски медиуми може и ним да им донесе поени. Ако е така нека им е со среќа. Воедно прифаќам дека мојата емисија не е многу атрактивна или доволно интересна за вкусот на оваа влада, но можеби заради тие што ја гледаат вредело да се размисли.

Ако пак мислат дека Алфа е во тешка состојба и не сакаат да и помогнат со своето присуство тоа може да биде легитимно во партиска војна но не и во она што значи отчетност пред граѓаните па макар да се тие од “најнебањатите и најдолго небричени”.

Во оваа прилика да кажам кој досега има добиено покана за гостување во “60 минути” и кој како реагирал на неа.

Министерката за Труд и Социјала беше зафатена со седница на влада и пратенички прашања.

Вицепремиерот Бујар Османи воопшто не одговори на барањето за интервју упатено преку неговиот кабинет.

Министерот за надворешни најде време за шоуто “1 на 1” ама за “60 минути” замина на пат. Кога се врати од пат неговите ПР соработници прво се “правеа на тошо” на пораките иако предходно ми побараа прашања кои што беа испратени по електронска пошта.

А потоа ми рекоа дека министерот имал многу барања од домашни и странски медиуми и дека треба да чекам да реши.

И така изминуваат 50 дена од испратените прашања, Димитров не се појави уште на “Среќни коцки” кај Драган Вучиќ ама за во Алфа уште нема храброст. Да е жив и здрав.

Најинтересен беше министерот за дијаспора Едмонд Адеми, многу арен и разбран човек кој сепак не најде ни 30 минути да направиме интервју во денови кога се одржуваа протести на дијаспората во неколку градови низ светот. Иако на моите речиси без 3 години 5 децении старост и 27 години стаж во новинарството се понудив да дојдам каде што ќе каже и да чекам да заврши со обврските.

Портпаролот на владата ме уверуваше дека одбивањето не е дел од стратегија на владата и дека тој лично лобирал министрите да одат на Алфа. Јас му вратив дека владата треба да има стратегија во која министрите задолжително ќе одат кај опозициските медиуми а не да се правда дека нема стратегија за бојкот. И се разбира пак не се разбравме.

Ако ништо друго министрите можат да го прашаат колегата Оливер Спасовски дека не е страшно да си гостин на Алфа. И ние “небањатите и небричени вмровци” сме луѓе.

Добро, понекогаш може да прашаме нешто што не треба ама не касаме ниту тепаме, нема причина за страв освен од мувата на капата.

Да не се разбереме погрешно. Не е ова апел за министрите да ми дојдат на мегдан, туку само обид “право да си кажеме каде згрешивме”.

Се може и без нив затоа Македонија има доволно паметни и интересни луѓе. Ако можев да поминам 10 години без ниту едно интервју со Груевски ќе издржам и без интервјуа со актуелните министри. .

Оставете коментар