Loading...

Јасмина Јаначковска, полициски службеик, вчера имала само вербална „блиска средба“ со висок челник на ДУИ во расправијата околу обидот „пајак-службата“ да го однесе неговиот непрописно паркиран автомобил.

Настанот предизвика бура на социјалните мрежи откако беше соопштено дека полицајката завршила во болница, а Беќир Асани, откако бил повикан и дал исказ во полициската станица Бит Пазар, добил само прекршочна пријава.

Денеска полицајката побарала прием кај министерот за внатрешни работи Олевер Спасовки и лично му го објаснила инцидентот.

Таа рекла дека била само вербално навредувана, по што повикала колеги, а се повредила удирајќи се со левата рака од возилото „пајак“, по што се обратила на лекар.

Граѓанскиот активист Жарко Трајаноски на „Фејсбук“ изрази сомневање дека се прави обид за прикривање физички напад и го повика Јавното обвинителство да покрене случај по допрен глас.

„За каков било напад на полиција се легнува на земја, му се ставаат лисици на раце и се спроведува во полициска на распит, а не се води пријателски разговор“, напиша на својот Фејсбук-профил професорката Мирјана Најчевска.

Беќир Асани, како што беше јавено, сторил прекршок по член 13 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, кој се однесува на омаловажување или навредување на полициски службеник, за што е предвидена глоба од 600 до 900 евра.