Положани: Постои заговор Заев-Груевски против Законот за јазици!

Шптим Положани, претседател на Здружение на политички затвореници и прогонувани Албанци во Македонија, излезе со теза дека неизгласувањето на Законот за употреба на јазиците се должи на заговор меѓу Зоран Заев и Никола Груевски.

„Овој заговор има само една цел, а таа цел е да се спречи донесувањето на законот сè додека не се реши спорот со Грција и сето тоа за во графата во Обединети нации да не стои албанскиот како службен јазик во државата“, изјави Положани за порталот на албански јазик „Журнал“.

Тој повлекува паралела меѓу лидерот на СДСМ и премиер и екслидерот и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, заклучувајќи дека тие се разликуваат само по перцепцијата за нив.

„Груевизмот е брутален, дивјачки антиалбанизам, а заевизмот е антиалбанизам спроведуван на подмолен начин. Фактот дека целото ѓубре од неговиот двор го фрла во нашиот двор, почнувајќи од Струга до Липково, зборува за профилот на лицемерен политичар и антидемократ. Заев е маскиран и Албанците стануваат свесни за измамата што беше направена на минатите локални и парламентарни избори“, вели Положани.

Според него, можно е да се промени политичкиот систем, Уставот, Кривичниот законик и повеќе нормативни акти на државата, но е многу тешко да се промени „хегемонистичкиот менталитет на владетелот“.

„Ова е најголемиот проблем на македонските лидери. Тие сé уште не сфаќаат дека со живеењето во минатото не може да се движи напред“, заклучува стружанецот познат по жестоките опсервации без влакна на јазикот.