Младата фудбалска селекција вечерва во Гдиња (20.45) го игра последниот натпревар на Европското првенство кое беше прво за која и да е наша фудбалска репрезентација. Противник ни е Португалија која се уште има надеж за полуфинале на турнирот кое за нас е веќе завршена работа откако вчера Словачка во првата група остана втора, а има 6 бодови. Ние во моментов имаме еден и немаме шанси да ја минеме границата од 4 бода, а потсетуваме дека само една второпласирана селекција ќе им се приклучи на трите прваци кои ќе продолжат во борбата за титулата.

“Со Шпанија доживеавме пораз на стартот, со Србија одигравме реми, па на крајот нека дојде и победата. Ја посакуваме бескрајно, ќе играме максимално ангажирано и се надеваме дека ние ќе радуваме по дуелот со Португалците. Тие се квалитетна репрезентација, ги респектираме апсолутно, но и не ги преценуваме. На теренот ќе се одлучи кој е подобар. Подготвени сме за последната битка, и се надеваме дека ќе бидеме победници”, вели еден од најдобрите кај нас Енис Барди.

Освен дуелот меѓу Македонија и Португалија денеска на ЕП се игра и вториот меч од нашата група Б во кој се среќаваат водечката Шпанија и Србија.

SHARE