Послание на Героски до „куртоните“ околу Заев

Loading...

Главниот уредник на весникот „Слободен печат“ и на порталот „Плусинфо“, Бранко Героски, испровоциран од нападите против него од провладините медиуми, им упатува порака до луѓето одговорни за медиуми во кабинетот на премиерот и во Владата.

Тој не ги споменува имињата што ги смета за „куртони“.

Според јавно достапните информации, медиумската политика во Владата ја водат и спроведуваат ексновинарите Роберт Поповски, Зоран Бојаровски, портпаролот Миле Бошњаковски и граѓанскиот антивист Марјан Забрчанец.

Целото писание на Героски до „спинерите“ на премиерот Заев:

ПОРАКА ДО КУРТОНИТЕ ОД ОПКРУЖУВАЊЕТО НА ЗАЕВ

Знам дека со ваквите наслови и текстови-нарачки за оберкуртонот од Мактел (уште тој ви остана од „медиумската поддршка“), ја покажувате својата паника, затоа што Заев ве опомена да се поправите, оти во спротивно ќе бидете сменети. Ако не бидете сменети во оваа, ќе настрадате во следната реконструкција. Зошто? Затоа што го уривате имиџот на владата, ја поткопувате довербата на членството на СДСМ и на народот во премиерот и затоа што нема разлика меѓу вас и куртоните на Груевски.

Така правите непоправливи штети. Јас, се разбира, како и многу други како мене, искрено ќе му помогнеме на Заев тоа да го разбере. Дури и да не сака да разбере…

Јас тоа ќе го сторам од позиција на новинар кој никогаш – ви повторувам, куртончиќи бедни, никогаш! – не бил на државни јасли. Освен ако за тоа не се смета мојот стаж во НИП „Нова Македонија“. Сум бил главен уредник на медиуми што самиот сум ги создавал, заедно со моите колеги и пријатели. Од ништо, од нула.

Затоа, не ми нудете место во владата, бидејќи така само ја проектирате сопствената опсесија да останете на Илинденска бб, од каде што некои од вас можеби ќе мора набрзо да се иселат.

Ако некој ден, не дај боже, посакам место во парламентот или во владата, ќе морам да се вклучам во политиката и своето место да си го заработам на избори. Но, за волја на вистината, никогаш сум немал таква амбиција. Оти се чувствувам премлад за сериозен ангажман во политиката (таква каква што јас ја разбирам), а престар и незаинтересиран за куртонски ангажман во владата, каков што имате вие.

Таков ангажман за новинар како мене би бил најголемото понижување што може да се замисли!!!

Го разбирам вашето неспокојство, господо куртони од опкружувањето на Заев. Длабоко во себе, вие сте свесни дека сте неспособни, необразовани (формално и суштински) и бескарактерни. Мене ме прогласивте за ваш непријател и добро е што го сторивте тоа – оти јас навистина сум архинепријател на сите провладини куртони.

И ќе ве гонам јавно, во име на борбата за промени, за слобода, за правда и за демократија, во која се вложија десетици илјади храбри луѓе, за вие да ги сместите вашите манекенски газиња на Илинденска бб и да изигрувате поголеми католици од папата.