Потерница по двајца македонски разузнавачи

Скопскиот кривичен суд  1 активирал потерници за разузнавачите Александар Диневски и Тоше Кошиновски, осудени во акцијата „Шпион“, за да се појават на доиздржување на казните затвор, пишуваат дел од медиумите.

 

Диневски првично беше осуден за шпионажа, оддавање државна тајна и за злосторничко здружување на казна затвор од 4,5 години, додека Кошиновски за шпоинажа со казна затвор од три години. Сега, според потерницата, Диневски треба да одлежи уште година и пол од казната, додека Кошиновски уште една.

Иако потерниците се издадени пред неколку седмици, сепак, тие уште не се пронајдени и приведени.

Апелациониот суд ги намали сите казни на обвинетите во предметот „Шпион“, па така Диневски доби казна од три години и шест месеци, додека на Кошиновски од три му се намали на две години.

Сепак, и покрај тоа, двајцата имаат уште за доиздржување од затворските казни. Потерниците по нив се во време кога судството целосно се компромитира, особено во предметите на Специјалното јавно обвинителство. Пред неколку дена Врховниот суд донесе одлука за Сеад Кочан укинувајќи му го притворот, а Основниот суд Скопје 1 во многу наврати покажа заштитничко однесување кон тие кои се под кривичен прогон од СЈО.

Дополнително, потерниците по екс- разузнавачите се во период кога се очекува преземање на власта од страна на СДСМ, по што се најавува целосен реизбор на судиите. За акцијата „Шпион“ и како била организирана постојат и прислушувани разговори, со што се доведуваат во прашање објективноста и релевантноста на пресудата во предметот.

SHARE