Почесна титула „македонски сенатор“ за лобистот Мико од САД

Реагирајќи на одлуката на Владата да го разреши од почесен конзул во Тусон, САД, Светски македонски конгрес реши да го награди македонскиот лобист Џејсон Мико со почесната титула „македонски сенатор“.

СМК изразува жалење и разочарување од одлуката на Владата, оценувајќи ја како „атака врз македонските лобисти, кои отворено работат за македонските национални и државни интереси во светот“ и како „расчистување со потврдени пријатели, кои им помагаат на Македонија и на Македонците по прашањата од национален и државен интерес“.

„СМК верува дека, и покрај одлуката на Владата за разрешување на Џејсон Мико од почесен конзул, тој и натаму ќе работи за Македонија и за македонскиот народ во Соединетите Американски Држави и во светот“, стои во соопштението во кое му се изразува благодарност на Американецот со унгарско потекло, автор на филмот „Името е име“ и потписник на колумни во кои го брани правото на Македонија на свое име и на македонскиот народ на свој идентитет и јазик.

Мико на својот профил на „Твитер“ уште на денот на разрешувањето најави дека нема да запре да ги поддржува Македонија и Македонците.

„Благодарам, но јас ќе продолжам да правам сè што можам за да им помогнам на Македонците и на Македонија до крајот на мојот живот“, порача тој.

 

1 Коментар

Comments are closed.