По Москва ни се налути и Киев, за трошок од 30 милиони евра

Loading...

Првиот дипломат на Украина во Скопје, амбасадорката Наталија Задорожњук, испратила писмо до премиерот Зоран Заев.

Во него таа предупредува дека едностраното раскинување на договорот за Казандол со украинската фирма „Сардич МЦ“ ќе има сериозни финансиски последици за двете страни.

Амбасадорката порачува дека одлуката на Владата не е во согласност со стратегиската определба на двете заемји за заштита на странските инвестиции.

Целото писмо:

„Почитуван господин Претседател,
Сопственици на Друштвото за експлоатација, преработка и производство САРДИЧ МЦ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје се обратија до Амбасадата на Украина во Република Македонија.

Ова Друштво е украинска инвестиција во економијата на Република Македонија, со инвестиција која вкупно изнесува повеќе од 35 милиони евра, од кои повеќе од 30 милиони евра се веќе инвестирани.

Работењето на Друштвото Сардич МЦ (во понатамошен текст: Концесионер) се одвива врз основа на Договорот со Владата на Република Македонија за концесија за експлоатација на минерални суровини – бакар, злато и сребро на локалитетот Казандол со број 24-64/9 од 27.02.2015 година.

За време на работењето на Концесионерот, од страна на овластени државни органи на Република Македонија немаше доставено забелешки за било какви прекршувања.

Од медиумите во Република Македонија и изјавите на официјални претставници на Република Македонија разбравме дека Владата на Република Македонија презема чекори за подготовка на еднострано прекинување на горенаведениот Договор за концесија.

Амбасада смета дека раскинување на Договорот ќе има сериозни финансиски последици како за украинската, така и за македонската страна.

Би сакале да го обратиме Вашето внимание на фактот дека меѓу Украина и Република Македонија постои Спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестиции.

Во согласност со спомената Спогодба:
– Чл.3 т.1 Секоја Договорна Страна ќе ги заштитува на својата територија, инвестициите на инвеститорите од другата Договорна Страна извршени во согласност со нејзините закони и прописи и нема со неоправдани и дискриминаторски мерки да го попречува управувањето, одржувањето, користењето, уживањето, проширувањето, продажбата и, во краен случај, ликвидацијата на таквите инвестиции;
– Чл.7 т.1 Во случај на спор помеѓу едната Договорна Страна и инвеститор на другата Договорна Страна, инвеститорот е должен со детални податоци писмено да ја извести другата Договорна Страна за постоењето на таквиот спор. Таквиот спор помеѓу страните ќе се решава по пат на пријателски преговори.

Како што знаете, ниту Амбасадата на Украина во Република Македонија ниту претставникот на Договорната страна на Спогодбата меѓу Владата на Украина и Владата на Република Македонија за поттикнување и заемна заштита на инвестиции, ниту Инвеститорот Сардич МЦ не беа писмено известени.

Врзано со тоа, и во согласност со чл.8 од Спогодбата, би Ве замолиле, почитуван Претседател, да им наложите на надлежните органи на Република Македонија официјално да ја информираат Амбасадата на Украина за состојбата со украинскиот инвеститор САРДИЧ МЦ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.

Информацијата добиена од Владата на Република Македонија ќе биде официјално доставена до Владата на Украина.

Украина и Македонија се пријателски земји кои имаат голем потенцијал за понатамошна економска соработка.

Убедени сме дека прашањето за украинските инвестиции ќе се реши исклучиво во рамките на македонското законодавство и постојната Спогодба меѓу Владата на Украина и Владата на Република Македонија за поттикнување и заемна заштита на инвестициите.

Со почит,
Наталија Задорожњук, амбасадор на Украина во Република Македонија“.