По Финска, реми на македонските фудбалери и со Азербејџан

По ремито без голови со Финска, фудбалската репрезентација на Македонија одигра нерешено и со Азербејџан во Анталија, но овојпат со погодоци – 1:1, двата од пенал.

Поведоа Азербејџанците по пет минути игра преку Ричард Алмеида, кој успешно ја реализира најстрогата казна за сомнителниот прекршок во воздушен дуел на Стефан Ристовски во сопствениот шеснаесетник.

Израмни Александар Трајковски исто така од белата точка во 20. минута по прекршокот врз Горан Пандев, што го потврди и видео системот за помош на судијата.

Тука и заврши прецизноста на стрелците, бидејќи до крајот на средбата, пред сè, избраниците на селекторот Игор Ангеловски, се изнапромашуваа.

Ова беше седми меч во низа без пораз за „црвено-жолтите“, кои наесен ги очекува Лига на нации, во која ќе стартуваат против Гибралтар на гости, а во групата се уште Ерменија и Лихтенштајн.

 

Оставете Коментар