Пратеникот Богоевски сè уште не се повлекува, а вети

Три дена откако Македонија стана двојазична, пратеникот Павле Богоевски е на удар на социјалните медиуми.

Причина е неговата изјава од ноември 2016 година, во која рекол: „Најдете еден доказ дека Заев заговара двојазичност и ќе се повлечам од кандидатурата за пратеник“. (односно, сега, од пратеничката функција)

Неговите критичари, дел од нив припадници на „Шарена револуција“, сега од него бараат тој да го исполни ветеното и да се повлече од политиката.

Еве што напишал Богоевски пред 14 месеци:

Добар ден, друштво,
Завршува првата седмица од кампањата за најзначајните избори во нашата историја.

И тука завршува единствената работа околу која се согласуваат сите. Сите, дури и дпмне велат дека овие избори се најзначајните.

Разликата е во причината поради која се бориме. Ние се бориме за правда, за слобода и за конечно враќање на државата назад во рацете на граѓаните.

Груевски се бори исто така за слобода, ама од поинаков тип. Слобода од затвор. Се бори и со ветерници. Упорно обидувајќи се за последен пат да ја изигра националиситчката карта која толку долго го одржуваше на врвот, тој полека но сигурно се соочува со реалноста.

А реалноста е дека таквите глупости веќе не поминуваат кај нас. Дури и неговите поддржувачи се се’ помалубројни на нивните митинзи. Тој се заканува дека ќе воведеме двојазичност и федерализација. Употребата на јазикот е веќе дефинирана со Закон од 2009та година, кој го донесоа тој и ахмети во договор зад затворени врати. Кога беа објавени матерјалите од WikiLeaks, цел свет го виде тоа. Добро де, цел свет освен сител, канал5, алфа, република и курир. Исто како што не видоа кога човек им умре идејќи на митинг, а неговите сопартијци го оставија телото покрај пат, не закајќи да задоцнат за обраќањето на фирерот.

А што се однесува до унитарноста на нашата држава, таа постои само на хартија. груевски и ахмети веќе ја федерализираа Македонија. Македонците, Албанците, Турците, Србите, Бошљаците и Ромите во Македонија си имаат посебни делови од градовите, посебни кафиќи, посебни правила, посебни училишта и паралелки. Посебни радија и телевизии. Ние сме ПОДЕЛЕНО ОПШТЕСТВО и тоа е факт.

Вистинската унитарност која е дефинирана во Уставот мора да биде отсликана и во реалноста. Доста беа поделби, насилство, омраза, демонизирање, и најважно од се’ – доста беше користењето и пумпањето на меѓуетничка омраза секогаш кога партиите на власт ќе проценат дека тоа им е потребно за да победат на избори!

Најотворено кажувам:
Доколку некој ми покаже видео, или автентичен цитат каде Зоран Заев вели дека ќе воведе двојазичност и ќе го промени Уставот, или дека ќе ја федерализира Македонија (како што Груевски тврди), јас ќе се повлечам од кандидатурата уште сега! Ама овде не говориме за извртените и манипулативни тези на криминалните медиумски мегафони на дпмне, туку за реална изјава.

А во меѓувреме, може да се фокусираме на криминалците на власт и како да ги ставиме во затвор? За Македонија конечно да може да го исфрли олошот од своите институции.
И за крај, сакам да ви кажам дека денес ќе олабавам малку по социјалните мрежи. Ќе го прескокнеме и видеото со #ТемаНаДенот. Не за друго, овие шест дена јас сам на себе си станав досаден, а можам само да замислам на вас како ви е. 🙂
Убав викенд и се гледаме утре.

Павле Богоевски

Фејсбук статус
Ноември 2016 година

 

Оставете коментар