Македонскиот фудбалски првак ја имаше најдобрата партија во групната фаза во дуелот од 6 круг против Розенборг, но во Скопје успеа само да ремизира 1-1. Тој бод во основа е причина за задоволство зошто е прв и единствен, но како Вардар играше на периоди и колку шанси имаше, скопјани треба и да жалат што сезоната не ја завршија со победа.
А се почна одлично. 8 минута, Демири нафрла, Николов со гради продолжува до Итало кој е пребрз во првите три метри од шеснаесетникот на Норвежаните што му овозможи предност која донесе водство од 1-0. Во првиот дел Вардар на моменти блескаше, Фелипе диригираше, нашата средина го контолираше просторот и само сантиметри, можеби концентрација, можеби среќа не спречи да поведеме со 2 и 3 разлика од шансите на Барсегјан, Итало, Новак.
Кога веќе ние не удвоивме, Розенборг казни рутински. Грешка на Барсегјан на средината, Адегбенро е ветар за Новак, а Гачевски мораше да прави пенал. Бентнер во втората минута од продолжението на првиот дел беше пресигурен од белата точка.
Во вторите 45 нешто помирно и побавно, и безмалку ист број шанси за двете екипи, па и во делот на процентуален посед на топката, и затоа ремито од кое впечаток е дека се задоволни во двете средини, е најреално.
Вардар освои бод и не се приклучи кон групата од пет екипи кои во минатото трпеле по шест порази во Лига Европа, што не е мала работа, иако е јасно дека за овој фудбалски периметар е потребно и многу повеќе.

Лига Европа-Група Л-6 коло:
Вардар-Розенборг 1-1
Реал Сосиедад-Зенит 1-3

Табела:
Зенит 16
Реал Сосиедад 12
Розенборг 5
Вардар 1

Оставете коментар