Договор од 7 точки, менување лични карти, пасоши, возачки дозволи?!

Името, спектарот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите се седумте точки што ги содржи грчкиот предлог на нацрт-спогодбата, објави весникот „Катимерини“.

Според грчкиот дневен лист, предлогот за решение е комплетен, содржи одговори на сите поединечни прашања што се однесуваат на односите на двете земји, но и за самата перспектива на Македонија во меѓународните организации.

Весникот коментира дека идентитетот и јазикот од македонска страна се опишуваат како точки за кои не се преговара.

„Двете страни се чини дека целосно се согласуваат во однос на временскиот рок, особено за потребата подготовката за одделните делови од договорот да биде завршена, ако е можно, во март, а сигурно пред средината на април“, пишува „Катимерини“.

Весникот анализира дека и покрај тоа што Атина е против решение во етапи и на делови, сепак, за одредени точки може да има договор, но ќе биде потребно време да се завршат, а како пример ја споменува стандардизацијата ISO 3166-1 за кратенките, кои директно влијаат и на трговските ознаки.

„Секако, постојат и одредени детали, како на пример, националната химна на соседната земја, која содржи иредентистички наводи“, пишува „Катимерини“, но додава дека химната е од секундарно значење во преговорите, за разлика од она што се однесува на националноста, „што би можело да доведе до пропаѓање на преговорите“.

Весникот споменува дека Македонија во догледно време ќе треба да ги смени сите државни лични документи, како што се лични карти, пасоши и возачки дозволи.