Нашата најдобра машка кошаркарска репрезентација ја победи Словачка со 87-74 и ја продолжи низата триумфи во претквалификациската група А за Еврошампионатот во 2021 година. Мечот во Јане Сандански во Скопје вечерва беше релативно лесен за црвено жолтите поради раното водство од 14-3 што го предодреди конечниот исход. Словачка успеа да се врати, дури и да поведе во втората четвртина, но се потроши и тоа беше се од нив, за третиот настап во кој имаат три порази.

Македонија, пак, до три од три во претквалификациите дојде најмногу по заслуга на нашиот Американец Ричард Хендрикс кој имаше 23 поени и 13 скокови со 66 проценти на прецизно упатени удари, иако добри, пристојни партии имаа и Бојан Трајковски со 14 и Војдан Стојановски со 13 коша.

Македонија сега води во составот 1 и не може да се симне под второто место, а само сплет на околности може да не оддалечи од првото во овој циклус. Но и да се случи во јуни на гости да загубиме од третиот во групата, Швајцарија, и да паднеме на втората позиција големи и многу реални се шансите да одиме во квалификациите за шампионатот по 3 години како најдобри второпласирани.