Премиерот Заев го демантира Ројтерс

Loading...

Македонскиот премиер Зоран Заев не искажал став дека нашата земја е подготвена на мали промени со името во Уставот, соопштија од владиниот кабинет, реагирајќи на делови од неговото интервју за агенцијата Ројтерс преземени, како што е наведено, од страна на некои од македонските медиуми.

„Кабинетот на претседателот на Владата категорично тврди дека премиерот Заев нема искажано таков став во интервјуто за Ројтерс“, се наведува во соопштението.

Наместо тоа, како што е наведено, Заев, на прашање на новинарот на Ројтерс, одговара дека Република Македонија е подготвена да направи промена во врска со името, но не може да се оди предалеку, бидејќи тоа е многу тешко прашање.

Во продолжение на разговорот на оваа тема, како што објаснуваат од премиерскиот кабинет, Заев додал дека останува отворено прашање дали постои ‘вистинска потреба’ за промена на Уставот на Македонија, нешто што Грција го бара последниве месеци.

Исто така, од кабинетот укажуваат и на погрешната интерпретација во воведот на веста на агенцијата за интервјуто со Заев во која се наведува дека „Македонија предложила четири опции за решавање на децениското недоразбирање со Грција за името“.

„Јавноста во Македонија и во светот знае дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц, кој во име на Обединетите Нации посредува во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција. Тоа значи дека тие предлози постојат, како што изјавил премиерот Заев, но тие не се предложени од страна на Македонија“, се наведува во објаснувањето од кабинетот на Заев.