Трета вечер едноподруго повеќе илјади граѓани на Прилеп излегоа на улиците на градот, изразувајќи револт од гласањето на нивните сограѓани и пратеници на СДСМ, Хари Локвенец и Кети Смилеска, во насилното донесување на Закон за употреба на јазиците.

Нарекувајќи ги предавници двајцата пратеници и извикувајќи „Нејќам три, нејќам два, еден јазик сакам ја“, масата веќе три дена го истура своето незадоволство пред домовите на двајцата пратеници, обезбедувани од полициски кордони.

Покрај барањето за повлекување на законот со кој албанскиот јазик се предвидува албанскиот јазик да биде службен на целата територија на државата, што значи и во нивниот град, прилепчани бараат оставка на Владата, предвремени избори и попис.

За утре напладне пред камената бина најавен е собирот за уште помасовен протест во градот под Марковите кули.

Синоќа и велешани протестираа пред домот на пратеникот Панче Иванов, а во Виница беше опожарено возилото на пратеничката од владеачката партија Славица Шуманска-Митева.

Пратеникот Ферид Мухиќ вчера откри дека со колегите од коалицијата предводена од СДСМ се договориле да седат дома „за да не ги иритираат граѓаните“. Денеска, пак, го демантираше пратеничката од Берово, Јагода Шахпаска, која последните два дена е во Скопје, велејќи дека немале препораки да седат дома, порачувајќи дека нема од што да се плаши и додавајќи дека тие верувале во едно општество за сите.

Атмосферата вечерва во Прилеп од видеото на Нетпрес: