„Приспивна“ за Македонија – пишува Димитар Чулев

Се поизвесно е дека официјална Атина не само што нема да отстапи од седумте точки или „пакетот“ барања за решавање на спорот во кој, покрај името, се бара и промена на идентитетот, јазикот, „корекција“ на уставот, трговските марки, туку ќе ги засили своите максималистички позиции.

Грчки медиуми шпекулираат дека грчката страна дури и има дополнителни „забелешки“ или барања во насока кон евентуална промена на македонската химна. Тоа засега било секундарно прашање кое требало да се решава понатаму, но во – догледна иднина.

Причина, овој пат, е „проблематичниот“ текст на националната химна бидејќи содржел „некои иредентистички референци“ но и „имиња на сите кои славомакедонците ги сметаат за историски личности, без референца на аналогно присуство на албанската заедница во пЈРМ“.

Доколку навистина е така, тогаш е сериозно. Тоа наведува на мисла дека можеби ќе треба да се направи ревизија и на сегашниот текст на актуелната „Денес над Македонија“, а можеби – ќе се бара нова…

Бидејќи работите се веќе далеку од сериозни, тогаш ајде  да ги доведеме до апсурд.

И да ја предложиме за национална химна, на пример,  помалку подзаборавената „Приспивна“ од репертоарот на култните К-15. Но, изборот не е случаен…

Текстот на „Приспивна“ во целост го исполнува условот на Атина за „аналогна “ вклученост на експонирани претставници  на етничките заедници во Македонија, додека „спорните“ личности од историјата се ставени во актуелен контекст без иредентистички тенденции кон грчкото (или нечие друго) историско минато.

Во „Приспивна“, така, Гоце, Даме, Питу, Сандански не се издвојуваат од имињата на Арбен Џафери, Мендух Тачи, Фаик Абди, Амди Бајрам, Таки Фити, од претставници на невладиниот сектор како Владимир Милчин, од актери и режисери како Столе Попов, урбани фаци како Славе Биљбил, спортисти – Дарко Панче, Канатларовски, од Тито Петковски, од Пере Тошев и од Перо Гошев или од  поранешните шефови на држава и на влада, Георгиевски и Црвенковски.

Дечките од К-15, во помалку визионерскиот хит од пред дваесетина години, ја спомнаа дури и населбата Карпош како претставник на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, ЗЕЛС…

Вреди да се слушне одново, впрочем, насловот на „Приспивна“ сосема одговара на актуелниот миг и барањето за згаснување на македонското име, идентитет, јазик…