Промена на името во пракса – пишува Горан Момироски

Случајот со кандидатката на Лабуристичката партија на Австралија Гед Керни дава јасна слика во кој правец ќе се одвива спорот за името доколку Македонија се согласи на промена на уставното име, име на нација или име на јазик.

Глед Керни не е моќна фигура во австралиската политика, но оваа медицинска сестра може да ни ја осветли иднината во контекст на толку споменуваните идентитетски прашања.

Во својата кампања за пратеник во парламентот на Австралија Керни користи флаери во кои под графата македонски јазик наменета за гласачите Македонци користи грчко писмо и практично тврди дека грчкиот и македонскиот јазик се едно исто.

Јасно е дека кандидатот на Лабуристите од дистриктот Бетмен од Мелбурн не може да го урне македонскиот национален идентитет со еден памфлет напишан по сугестија на нејзиниот секретар за односи со јавност со грчко потекло во изборна единица каде што има многу грчки гласачи.

Но уште појасно е дека ако македонските власти се согласат да прифатат името на државата да се нарекува Горна или Северна Македонија во која се говори горномакедонски или северномакедонски јазик сами ќе отвориме битка која однапред е загубена.

Ако македонскиот јазик не е “запечатен” во регистерот односно во “личната карта” на Република Македонија во ОН, Керни ќе биде најмалата грижа за Македонија.

Нашата земја нема механизми со кои во иднина ќе спречува грчки и прогрчки политичари, научници, новинари и други да користат грчко писмо за македонскиот јазик, да тврдат дека грчкиот и македонскиот се едно исто од антиката.

Дури и да не успеат во тоа, уште сега е јасно дека ќе успеат во обидот македонскиот идентитет, односно името на нацијата и јазикот како главни негови одредници да ги постават во сивата зона, меѓу грчкиот и нашиот корпус на национални права и вредности.

Од тука натаму за нас битката е загубена. Особено со ваква смушена дипломатија и речиси никакви ресурси за дипломатска или научна битка со јужните соседи.

Ако се согласиме македонскиот јазик и нација да биде одвоен од македонската држава и ставен како ничиј во меѓународниот ринг, уште утре можеме да се збогуваме со македонскиот идентитет, онаков каков што го граделе нашите предци со векови.