Професор Калоѓера: Ако нема македонски јазик, нема ни народ…

Loading...

Македонците во своето опкружување никогаш немале свое пријатели. Мислам дека е така и денес. Јазикот, се разбира, е важна одредница на еден народ. Ако нема јазик, нема ни народ и обратно, вели профeсорот Горан Калоѓера во интервју за порталот „Факултети.мк“.

Истакнатиот книжевен историчар, македонист, раководител на Лекторатот по македонски јазик во Риека, поранешен раководител на катедрата на понова хрватска книжевност, надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, почесен конзул на република Македонија во Хрватска, автор на книгата „Македонскиот 19 век“, вели дека тој будно ги следи состојбите со македонскиот јазик, преговорите за името, јазикот и идентитетот на македонскиот народ.

„Најголем дел од луѓето не ја познаваат проблематиката на македонскиот јазик, а дискутираат за тоа страсно и гласно. Би ги предупредил сите македонски политичари и сите што се надвор од лингвистичките кругови, а не прочитале, да се потрудат и да прочитаат два текста од Блаже Конески: „Развојот на современиот македонски литературен јазик“ и „За развојот на македонскиот литературен јазик“. Откако ќе прочитаат, ќе стекнат увид за тешката борба за афирмирање и признавање на македонскиот јазик од другите нации и држави, како и за сите можни опструкции тој млад јазик да се уништи и да се сведе на дијалект на бугарскиот јазик или на „политичка творба“ на Блаже Конески“

За двојазичноста професор Калоѓера вели: „Да се подигне албанскиот јазик на еднакво ниво со македонскиот, кој е службен јазик на Македонците и на Република Македонија, не можам да прифатам. Албанците се малцинство во Република Македонија, која има свој службен јазик, а тоа е единствено стандардниот македонски литературен јазик…“