Грците забележаa дека Македонците постојат – колумна на проф. Далибор Јовановски

Засилувањето на процесот, поврзан со грчкото непризнавање на името на нашата држава, повторно на виделина ги изнесе грчките фрустрации околу постоењето на македонската нација и јазик без наводници, суфикси и префикси.

Во Грција многу влијателни политичари, дури и денес во 21 век, знаат да кажат дека не постои македонска нација и јазик. Пред неколку недели влијателниот член на Неа Димократија, поранешен грчки премиер и херојот за Грците од 2008 година, нам добро познатиот Коста Караманлис без никакво размислување изјави дека не постои македонска нација и македонски јазик и тоа било историски факт. Тој е и познат по тврдењата дека историјата е напишана, иако секој нормален историчар не би се согласил со него.

Во Грција преовладува тезата дека македонската нација е конструкција на Ком минтерната од 1934 година и на Титова Југославија. Секако и во соседна Бугарија постои такво размислување. Но, ајде да видиме дали во Грција пред фамозната 1934 година, кога според нив била измислена македонската нација за потребите на Комунистичката Интернационала, било забележано постоењето на нешто што таму и денес се смета за измислено и непостоечко.

На почетокот на 20 век во османлиска Македонија се одвивала борбата за македонска автономија, која Грците со големо внимание ја следеле. Реално тие ја доживувале како борба на Бугарите за припојување на Македонија кон бугарската држава. Но, дури и покрај таквото доживување на македонската борба за автономија, може да забележиме дека во Грција може да се најдат податоци каде Македонците се нарекувале како што ние се нарекуваме – Македонци. Па, така во едно интервју на Никола Карев од мај 1903 година, јасно е наведено дека македонскиот револуционер се чувствувал само како Македонец и ништо друго. Интервјуто го направил Јон Драгумис, грчки дипломат и интелктуалец кој бил длабоко вмешан во активностите на неговата држава на османлиска територија.

Неколку месеци по задушувањето на Илинденското востание, започнува една воена акција на чети уфрлени од Грција, која кај нашиот јужен сосед е позната како Македонска борба и е еден од столбовите на тврдењето дека Македонија е една и грчка, мисла на чичкото на Коста Караманлис, големиот грчки политичар, неколкукратен премиер и претседател на Грција – Константинос Караманлис. Покрај четите, атинската влада испратила и воени лица и дипломати кои требале да ја проучат ситуацијата во Македонија. Па така може да забележиме многу извештаи од тој период. Но, тука откриваме работи кои не се во полза на тврдењата дека не постоиме и дека сме измислени.

Еден офицер на грчката војска, капетанот Патроклос Кондојанис, во својот извештај забележал дека „не било можно двајца браќа да припаѓаат на различни раси; затоа разликувањето на селаните на патријаршисти и егзархисти не може да биде оправдано со диференцијација базирана на националноста. Бидејќи расното тело на селата во централна Македонија е едно, би било подобро доколку нивните жители се наречуваат „елинизирани Македонци“ (патријаршиски православци) и „бугаризирани Македонци“ (шизматици). Нивната националност е една и иста во двата случаи – македонска“. Еден грчки дипломат Георгиос Цорбаѕоглу во своите извештаи, кога говорел за селата во околината на Ениџе Вардар, денешна Јаница во Грција, го употребувал терминот македонофонски. Во еден свој извештај од 1904 година, кој се однесувал на Воден, денешна Едеса,  овој грчки дипломат забележал : „Првенците од градот и младите, надвор повеќе зборуваат на грчки, отколку на македонски“. Слично може да забележиме и кај генералот Какавос. Периклис Аргиропулос, грчки интелктуалец, општественик и дипломат, во своите спомени, запишал дека јазикот на кој говерл Коте од Руља бил македонски.

Многу ппоинтересен е фактот што грчката држава во резултатите од пописот од 1921 година, кој бил објавен во 1928 година, во графата за јазици, која се однесувала за населението во Тесалија, бил наведен и македонскиот, без никакова додавка или наводници. А командантот на 10 армиска дивизија во Западна Македонија, Салванос во еден свој извештај од 1925 година забележал дека во Леринскиот округ мнозинство од населенито го сочинувале тие кои себе си се нарекувале Македонци.

Да не должам повеќе, има уште вакви интересни податоци. Сето ова оди против тезите дека Македонците се креација на Коминтерната и дека не постои македонска нација и јазик. Изјавата на нашиот министер за надворешни работи Никола Димитров дека доколку се разговара за нашиот идентитет тогаш нема да има договор, предизвика жестока реакција во Грција. Најдобар одговор на тврдењата дека не сме постоеле и дека сме измислени се овие податоци, а ги има уште. Кондојанис и Цорбаѕоглу во првата деценија од 20 век го забележале тоа што Коста Караманлис во втората деценија од 21 век никако не може да го прифати. За Самарас муабет да не правиме.

*Професорот Далибор Јовановски од катедрата по Историја на Филозофскиот факултет во Скопје важи за еден од најдобрите познавачи на односите Скопје – Атина во историски и реални рамки. 

1 Коментар

  1. Многу лесна приказна напишана на низок стил, за еден професор по историја! Во светската историја има странски историчари, кои имаат напишано дека македонската нација е посебна, така да оваа колумна нема никаква тежина. „Грците“, откако западните сил им ја формираа државата, 2 полни века учат лажна историја. Кога би ја учеле вистинската, би сфатиле дека тие се фалсификат нација и не постојат. Во Грција, без разлика дали е некој универзитетски професор, пазарџија, чистач, уметник или било што и да е, има „испран мозок“ и исто мислење, по однос на македонското прашање. Значи, повеќето „Грци“ исто ја учеле историјата. Тие и не знаат дека постои друга историја. Поинаку размислуваат и велат дека не постои грчки етнос, поголем дел на Власи, кои живеат во деловите на Егејска Македонија, односно денешната грчка територија Македонија. Зборот „Грци“ нарочно го пишувам во наводници, затоа што според историјата, нацијата Грци е измислена.

Comments are closed.