Проф. Далибор Јовановски – Папандреу и негирањето на Македонците

Пишува Проф. Далибор Јовановски

Грција има традиција на т.н. политички династии кои потекнуваат од едно семејство и кои ја раководеле државата од самото нејзино создавање во 1830 година па се до денес. Едно од тие семејства е и Папандреу. Ова семејство дало тројца премиери на Грција – првиот дедото Георгиос, синот Андреас и внукот Јорго.

Тројцата биле ангажирани и во грчкото делување на теми поврзани со македонското прашање, посебно негирањето дека постои македонска нација.

Во оваа колумна ќе се осврнам на еден инцидент кој го предизвикал Андреас Папандреу во април 1986 година. Доаѓањето на ПАСОК на власт во Грција, како социјалистичка и левичарска партија, можеби предизвикало мала надеж дека ќе има промена на односот кон непризнатото македонско малцинство во земјата и кон Македонците воопшто.

Но, многу брзо се покажало дека и грчката левица кога е во прашање Македонија и Македонците не се разликувала од десницата.

Владата на Папандреу беше таа која ги принуди студентите од Грција да ги напуштат факултетите во СР Македонија, бидејќи нема да им бидат признати дипломите издадени на македонски јазик. Со други зборови, на јазик кој не постои за официјална Атина.

Затоа примеров кој ќе биде посочен во колумнава не бил никакво изненадување, но последиците се интересни и денес можат да помогнат во разбирање на грчките позиции и предлози за името на нашата држава, а уште повеќе за името на нацијата и јазикот кој е трн во око на секоја грчка влада. Исто така е пример како треба да се реагира на негирањето на нашето постоење како Македонци.

Во грчкото собрание често биле поставувани прашања поврзани со Македонија кој повремено ги оптоварувала односите помеѓу Грција и Југославија. Така на заседанието на грчкиот парламент на 23 април 1986 година, кога се разгледувале теми поврзани со балканските земји, лидерот на опозицијата Константинос Мицотакис го прашал премиерот Андреас Папандреу што преземала неговата влада за соочување со „славомакедонската“ пропаганда во странство.
Андреас, одговарајќи на прашањето, изјавил дека за неговата влада не постои македонското прашање. Таа тема доаѓа од Белград и тоа може да го промени правецот на меѓудржавните односи.

Според него не постои ниту македонско малцинство. „Постојат Грци, постојат Срби, постојат Хрвати, постојат Бугари, но „Македонци“ не постојат“.

Изјавата на грчкиот премиер во атинското собрание не останала без одговор од Белград. Југословенската влада и Претседателот на Претседателството на СФРЈ жестоко реагирале на изјавата на Папандреу. Според последниов изјавата на Папандреу значела негирање на постоењето на Македонците воопшто како народ, дури и во рамките на СР Македонија, а тоа претставувало грубо мешање во внатрешните работи на Југославија.

Нема сомневање дека оваа остра изјава од Белград била и под влијание на републичката влада во Скопје, која често од Атина била обвинувана дека со нејзините активности негативно влијаеле на грчко – југословенските односи.

Острата југословенска реакција не останала бесплодна. Папандреу морал да ги омекне ставовите. Најверојатно Андреас не сакал да ги заостри односите со соседна Југославија, кога неговата земја имала и така тензични односи со Турција.

Па така, во говорот пред грчките офицери во Александрополис, Папандреу нагласил дека Грција не се мешала во внатрешните работи на Југославија и дека ниту се обидувале да вршат притисок соседната земја да го користи зборот „Македон“ без истовремено да ја спомнува националноста. Според него тоа што Грција не можела да го прифати било мешањето во нејзините внатрешни работи и било невозможно да се говори за постоење на македонско малцинство во неговата земја.

Забележавме дека острата југословенска реакција го принудила грчкиот левичарски премиер да се повлече од првичната изјава, но сепак го задржал ставот дека не постои македонско малцинство во неговата држава и за тоа не можело да се разговара.

Овој дипломатски инцидент ни покажува дека негирањето не започна после 8 септември 1999 година кога Република Македонија стана независна држава, туку дека истото е константа во грчката политика во однос на македонското прашање и посебно на постоењето на Македонците. Кому не му е ова досега јасно, не верувам дека допрва ќе му стане јасно.

Исто така реакцијата на Југославија е добар показател за нашата дипломатија како треба да реагира на слични изјави кои постојано доаѓаат од југ.

Дипломатите можат слободно може да проверат, како делувале Белград и Скопје пред 1991 година кога правото на Македонците на самоопределување било негирано од Атина или Софија.

Доколку не реагирате тогаш не постоите во очите на другите. Мислите дека Брисел, Вашингтон или Москва ќе реагираат во наше име? Се залажувате.
П.с.
Комунистиве попатриоти од нашава генерација, што мислите?