Путин претстави ракета со неограничен дострел (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин во своето годишно обраќање на нацијата ги претстави новите високотехнолошки видови на атомско оружје, за кои рече дека “не се блеф“ и претставуваат одговор на повлекувањето на САД од Договорот за противракетна одбрана.

„Слушајте сега“, рече Путин откако на голем екран беа демонстрирани новите достигнувања во областа на нуклеарното оружје за кои тој рече дека немаат ривал во светот.

Рускиот претседател рече дека уште во декември била тестирана крстосувачка ракета со нуклеарна боева глава која има неограничен радиус на дејствување и со непредвидлива патека на летање, поради што не може да биде пресретаната од противвоздужната одбрана.

Тој истакна дека „се поголемата моќ на Русија“ претставува гарант на мирот и рамнотежа на планетата и ги критикуваше обидите на САД да воспостават воена и друга надмоќ над Русија во последните 15 години.