Рама сигурен: На Србија ќе ѝ треба магија да влезе во ЕУ пред Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама е уверен дека Србија нема да влезе во Европска унија пред неговата земја, поточно дека ќе ѝ треба магија за такво нешто.

„Србија нема да стане членка на ЕУ пред Албанија. Тоа е нешто што го знаеме за сигурно. Србија мора да го помине болниот процес на признавање на Косово или барем на решавањето на косовскиот проблем. Јас цврсто верувам дека е потребно да се случи некоја магија, што нема да се случи, за тие да влезат во ЕУ пред нас“, изјави Рама за „Политико“ како коментар за најавата од претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, дека Србија и Црна Гора, кои веќе преговараат за членство, може да влезат во Унијата до 2025 година.

Од друга страна, Албанија се споменува во пакет со Македонија во вториот бран за приклучување во ЕУ, при што и двете земји се надеваат на покана за почеток на преговори годинава, а во третиот се Босна и Херцеговина и Косово.