Голема радост на сите во Загреб, во Македонија, на сите Македонци по целиот свет по првиот триумф на воведот од Европско првенство на нашите најбитни и најомилени спортски абасадори. Славјето со Словенија од 25-24 во голема мера веднаш ни ветува настап во групата од вториот круг во Вараждин, па и добар пласман на крајот од собирот. Но, за најзаслужниот за овој голем резултат, таков впечаток остана кај поголемиот дел од фановите, селекторот Раул Гонзалес, нема простор за еуфорија, нема потреба од „летање во небо“.

„Важна победа во тежок меч. Но, не сакам да гледам ништо многу напред, само размислувам за дуелот со Црна Гора во понеделник. Ви реков, само чекор по чекор“, рече веднаш по мечот Шпанецот, кој во текот на средбата беше видно вознемирен, но по неа остана тоа што секогаш е, вистински спортсмен посветен на обврската.

Ваквиот начин на размислување Раул, очигледно, им го пресадил и на играчите, кои не кријат дека се презадоволни, но не сакаат многу проекции.

„Одбраната го реши мечот. Ја посакувавме многу оваа победа и тоа се виде на теренот. Но, да не се залетуваме“, вели Стојанче Стоилов, кој денеска беше предмет и издржа низа боречки дуели на линијата од шест метри, кои ги поднесе машки.

„Како да игравме дома, како да бевме во ‘Борис Трајковски’. Со толку публика, сè беше полесно“, смета Кире Лазаров, кој успехот им го посветува, го споделува со нашите навивачи, кои денеска ги имаше близу 3.000 во загрепска „Арена“. „Имам чувство дека одигравме два натпревара. Толку беше тешко. Им честитам ма колегите што успеаја да се сконцентрираат во финишот, кога ја сочувавме топката“, сумира капитенот, кој даде 7 гола.

Оставете коментар