Реакција: Лажни реформатори со лукративни цели сакаат да ја уништат ВМРО – ДПМНЕ

Опозицијата со реакција на денешната прес-конференција на групата  „Реформатори кои бараат внатрепартиска демократизација“ и предлагаат нова иницијатива која има за цел да ја разбуди свеста кај членовите на ВМРО – ДПМНЕ за итна потреба од суштински статутарни реформи во партијата.

„Ние сме демократска и модерна партија која им дава подеднаква можност на сите нејзини членови да дејствуваат во рамките на статутот на организацијата и да учествуваат активно во креирањето политики. Лага во функција на туѓ интерес е дека статутот на ВМРО-ДПМНЕ е недемократски. Статутот на ВМРО-ДПМНЕ е истиот според кој самопрогласените реформатори биле бирани во минатото на позиции во комисии и општински штабови во партијата, а некои од нив истите ги извршуваат до ден денес“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, причините за незадоволството „на оваа мала група се чисто лукративни, а не демократски“.

„Колку е апсурдно барањето за реформи говори и фактот што неколкутемина незадоволни потврдуваат дека политиките на актуелното раководство доведоа до тоа партијата 11 години по ред да ја добива поддршката од народот на избори и како што и самите велат, во моментов да биде најмоќната партија. Тоа што им пречи на неколкутемина незадоволни е фактот дека ВМРО-ДПМНЕ следејќи ги принципиелните политики и волјата на гласачите се одлучи да не влегува во непринципиелни коалиции за формирање Влада во кои би се правеле договори на штета на иднината на Република Македонија. Алчноста за функции на поединци не може да премине преку оваа вистина. Вакви луѓе немаат ниту кредибилитет, ниту капацитет да бидат реформатори“, смета ВМРО – ДПМНЕ.

Неколку функционери незадоволни од својата кариера во партијата со слаби резултати може да предлагаат и повикуваат на реформи, но тоа се прави во процедура која им е добро позната, со обраќање до соодветните партиски тела кои секогаш сослушувале какви било иницијативи и предлози. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема пораз на последните 10 изборни циклуси по ред.
Прескокнувањето на сите партиски процедури и јавното навредување и квалификување на ВМРО-ДПМНЕ како недемократска партија е повреда на угледот и честа на партијата“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

SHARE