Реакција од Италија: Дијаспората се мобилизира и нема да толерира вакво дивеење

Првата реакција од македонската дијаспора по „донесувањето“ на Законот за употреба на јазиците во македонското Собрание дојде од Италија.

„Најостро го осудуваме примитивното однесување на Џафери во македонскиот Парламент.

Прогласувањето на т.н. Закон за јазици без регуларно гласање е чин на тотално непочитување на Законодавниот дом, а посебно на Република Македонија.

Денеска е погребана демократијата во Македонија по не знам кој пат.

Ваков преседан не смее да се случи во ниедна земја претендент за член на Европска унија.

Игнорирањето на амандмани поднесени од страна на опозицијата е најнискиот удар врз демократијата и ќе се потрудиме ова да не помине незабележано.

Свесни сме дека Албанците во Македонија се ставија над сите закони, но бидејќи ние се сметаме сè уште за демократска држава, а со оглед дека живееме во земји во кои вакво нешто е апсолутно невозможно, ќе ја продолжиме борбата преку институциите.

Политиката во Европа добива нов тренд. Тоа сигурно ќе биде во полза на нашата кауза и насилниците ќе мора кога тогаш да одговараат за стореното.

Дијаспората повторно се мобилизира и нема да толерира вакво дивеење.

Наскоро ќе излеземе со конкретни чекори“, стои во соопштението на здружението „Камен мост“.