Керолајн Мелоуни, конгресменка од Њујорк, не го исполни ветувањето дадено пред илјадници членови на грчката дијаспора во САД на протестот пред Обединети нации од 18 март дека во резолуцијата што ќе ја поднесе ќе стои „Македонија била, е и секогаш ќе биде грчка“.

Наместо тоа, во резолуцијата број 804 доставена на 22 март од конгресменката од редовите на Демократска партија, која е соосновач и копретседавач на Конгресната група за хеленски прашања, само се бара заемно прифатливо решение со Грција за името на Македонија.

Во целата предлог-резолуција македонската држава се именува со референцата од ОН, а проблематичен момент е и повикувањето името што би било договорено да се користи за севкупна употреба (ерга омнес).

„Претставничкиот дом

(1) ја повикува поранешната југословенска Република Македонија да работи во рамките на процесот на Обединети нации и во добра верба со Грција да ги постигне целите на долгорочната политика на САД и на Обединети нации за изнаоѓање заемно прифатливо име, кое мора да се применува за сите внатрешни и меѓународни цели (ерга омнес), за поранешната југословенска Република Македонија;

(2) ја повикува Владата на САД да работи во партнерство со сојузниците на НАТО да ги поддржат одлуките од претходните самити на НАТО штом би се постигнало меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на Обединети нации; и

(3) го изразува својот став дека поранешната југословенска Република Македонија може да смета на пристапување во Европска унија само откако ќе се постигне заемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на Обединети нации“, стои во резолуцијата.

Текстот на резолуцијата не соодветствува ни со информацијата на конгресната вебстраница на Мелоуни за нејзиното поднесување.

„Долго време се залагав за трајно име за ПЈРМ кое го почитува значењето на Македонија во хеленската историја и култура. Неодамнешните демонстрации во Грција илустрираат постојан притисок да го доведат ова прашање до задоцнета резолуција. Задоволна сум од извештаите дека преговорите меѓу Атина и Скопје напредуваат и се надевам дека може да се постигне фер спогодба. Изнаоѓањето историски точно, заемно договорено име за ПЈРМ е во најдобар интерес за сите во регионот. Го повикувам Конгресот да ја усвои резолуцијата, барајќи од двете земји да дојдат до фер и заеднички договорено име за ПЈРМ пред Обединети нации“, се вели во нејзината изјава објавена дента кога ја поднела резолуцијата.

Во видеото од антимакедонскиот говор на Мелоуни на грчкиот протест од 18 март, снимено од Лига на Македонци-Американци (ЛОМА), нејзиното неисполнето ветување до нив е при крајот:

 

1 Коментар

Comments are closed.