Република Горда Македонија – Колумна на Роберт Димитриевски

Loading...

За вреднување на актуелни настани и нивно евентуално квалификување како историски е потребна временска дистанца од најмалку десетина години, но за евалуација на тоа што се случи во вторникот во Скопје се доволни и овие нецели три дена.

Зошто има историски димензии семакедонскиот протестен марш од Мисијата на Европска унија до Собрание на Република Македонија за одбрана на името на македонската држава и на јазикот на македонскиот народ?

Прво, затоа што тоа беше најголемиот собир во независна Македонија неорганизиран од политички партии или од државни институции. Во ситуација кога од него се оградија сите, дури и најголемата опозициска партија, а т.н. релевантни медиуми од него известија „на лажиче“, како деветта вест во информативните изданија или целосно го игнорираа, протестот уште повеќе добива на значење. Штом безмалку сите со значителен импакт врз креирањето на јавното мислење во земјава настојуваа(т) да го минимизираат автентичниот изблик на енергијата на цел еден народ, тогаш некој или уште не е свесен дека некому Македонија и македонскиот национален идентитет и тоа како му значат или се плаши токму од тоа.

Второ, колку некои самозамислени величини и да се обидуваат да се потсмеваат и да навредуваат, и ним им е јасно дека не е мала работа десетина илјади луѓе да излезат на улица и речиси два и пол часа да мрзнат на студот, заплиснувани од обилни врнежи од снег, греејќи се со тоа што го носат во срцето и во душата за оваа земја и за својот народ. Тие десетина илјади имаат поголема специфична тежина од оној милион во Солун во 1992 година или од вкупно околу 230.000 демонстранти, според грчката полиција, на неодамнешните митинзи во Атина и во Солун, бидејќи не само што ја потврдуваат генијалната изрека „колку сме, толку сме, токму сме“ на Гане Тодоровски, туку и поради тоа што во Скопје се протестираше „за“ (себе), а во Грција „против“ (Република Македонија и македонскиот народ). Кај е тука иредентизмот на првите знаат само вторите.

Трето, на она снежно невреме во центарот на Скопје, од кое не само што не се жалеа, ами многумина го третираа симболично како бериќет, се собраа луѓе буквално од најразлични политички провениенции, со различен социјален, образовен и професионален статус, пол, возраст, од различни градови на Македонија, како и Македонци од странство. Сите заедно како на нив да се однесува исфрлениот стих од македонската химна „старо младо, машко и женско, на нозе се кренало“. Национално помирување и обединување на дело, не само декларативно како во повиците на разни политички структури речиси три децении, а кога треба(ше) да го спроведат во пракса – никаде ги нема(ше).

Конечно, македонската дијаспора покажа и докажа дека е нераскинлив дел од македонското национално ткиво и оти не заслужува омаловажување од никого, а најмалку од некои свои сонародници во татковината. Не само што финансиски и материјално го помогна собирот во Скопје, туку многу иселеници и дојдоа за да им се приклучат на своите роднини и пријатели во мирниот протестен марш, некои од нив и легитимирајќи се со знамињата од државите од кои доаѓаат (Австралија, на пример), други пренесувајќи поздрави и поддршка од бината спроти Собрание (Германија, Швајцарија). Најмалку што можат да направат овдешните Македонци за да им се оддолжат е масовно да излезат в недела на 4 март од 13 до 16 часот на централниот скопски плоштад „Македонија“ (додека и нему не му го смениле името во знак на добра волја кон Грција) и преку видеоѕидот на „Сити галери“ виртуелно да им се придружат на своите браќа и сестри што ќе демонстрираат во одбрана на името и на идентитетот во 15 града низ светот во рамките на глобалното движење „Ние сме Македонија“.

Имајќи го предвид сето ова, единствената отстапка што би можела да се направи во разговорите за разликите за името со Грција е како резервна опција, покрај официјалното име „Република Македонија“, да се користи сложениот израз „Република Горда Македонија“, преведен и на англиски јазик, од кој изведената придавка за народот би била „Горди Македонци“. Ем е најблиску до предлогот „Република Горна Македонија“ (разликата е само во една буква), за кој, наводно, најмногу се доближиле двете страни, ем кој би имал против да се нарекува „горд Македонец“ и „горда Македонка“?