Република Очајна Македонија – Пишува Горан Момироски

Откако на светот му го подаривме врвниот комуникациски дострел со Законот за јазиците според кој нашите деца (Македончиња, Албанчиња, Ромчиња, и сите други) во иднина ќе се разбираат на англиски и српски, сега влегуваме во нова фаза.

Откако во унитарна држава (засега) воведовме федеративен јазичен систем сега на светот му даруваме нова генијалност. Гордо стануваме првата земја на светот која самата побарала да си го промени името и идентитетот.

Македонската влада вчера објави дека по предлогот на Грција во кој се бара ново име и таа испратила свој предлог, веројатно со иста или слична содржина која засега се крие.

Предлогот наводно бил технички што е нелогично затоа што тој од страна на министерот за надворешни е поврзан со информацијата дека на последните преговор за името Виена немало напредок и дека Владата прави се да го надмине проблемот со јужниот сосед. А во Виена не се говорело за техника туку за идентитет во смисла на нација и јазик.

Предлогот на Македонија испратен до Атина вчера е последниот доказ дека влегуваме во шизофрена дипломатија од која тешко ќе има враќање назад.

Осум месеци откако со најдобра можна волја започнавме да разговараме со Грција и однапред се согласивме без црвени линии да добиеме географска одредница ние започнуваме одново.

Да го спуштиш гардот толку ниско и повторно да почнеш одново но сега од нови полоши позиции кои самиот си ги поставил е врвна глупост што досега светот и дипломатијата не ја виделе.

И на последната будала му е јасно дека веќе не се работи за проста промена на името затоа што премиерот јасно и гласно кажа дека прифаќа географска одредница (Горна, Нова или Северна Македонија) а пред него истото го кажа и вицепремиерот за економија Анѓушев.

Предлогот испратен до Атина може да биде технички само ако во него има скици и цртежи на јарболи за државни знамиња и табли во меѓуграничниот простор, планови за гранични премини или друга техничка документација за некој заеднички проект.

Секој предлог за ново име, именување на држава, нација или јазик не е технички туку длабоко политички. И длабоко понижувачки.

На сите ни е јасно дека во отсуство на напредок македонската дипломатија и премиерот Заев купуваат време. Дека зад флоскулата “правиме што можеме” се крие немоќ, разочарување и страв од граѓаните.

Не мора да сте експерт за микрофацијални експресии за врз основа на нивните гримаси да разберете во каков очај се премиерот Заев и министерот Димитров поради прашањето за кое до вчера тврдеа дека мора да се реши до јуни/јули а сега веќе велат дека нема временска рамка.

Но не треба да се разочаруваат и двајцата, затоа што тие секогаш ќе ја имаат поддршката од македонскиот народ. Се додека работат во негов интерес.

И затоа што има решенија за нивните маки.

Едното е на своите грчки партнери да им предложат име Република Очајна Македонија при што по националност ќе бидеме Очајници.

Второто решение е пореално и помалку цинично. И сигурен сум дека на ум им паѓа многу често. Кога ослободени од политичкиот адреналин седнуваат да се напијат по една ракија со драги луѓе.

Кога нивните семејства, роднини, пријатели и соседи, луѓето што искрено ги сакаат и почитуваат им го поставуваат прашањето: Дали сте свесни што правите?