Реципроцитет на стравот – Газета со Горан Момироски

Од денеска редовен колумнист на expres.mk е Горан Момироски, новинар со над 25 години стаж во македонското новинарство. Неговите колумни со генерички наслов “Газета со Г.М.” не смеат да бидат објавувани од други медиуми без дозвола на авторот.

ГАЗЕТА
СО ГОРАН МОМИРОСКИ

Реципроцитет на стравот

Интервјуто на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас за Euronews во кое тој побара македонската страна да објави што е договорено во Давос ни откри две можни состојби во грчката влада поврзани со Македонија.

Едната е состојба на подготовка за алиби и можно повлекување од било какво решение за името. Оваа состојба е разбирлива. И покрај тоа што Ципрас сака да го преземе приматот на балкански лидер од Борисов тој повеќе се плаши да не го изгуби приматот на грчки премиер што е се поизвесно дека ќе се случи и без договор за името.

Втората состојба зборува за стравот кај Коѕиас, Ципрас и Сириза.

– Промената на уставното име на Македонија е важна можност за меѓународните договори кои ќе се склучат да се совпаднат со самиот Устав, бидејќи други сили можат да дојдат подоцна и да го обвинат тековното раководство со тоа што го прекршуваат, Уставот, правејќи меѓународен договор со нас, рече Коѕиас за Euronews.

Со оваа реченица Коѕиас призна дека се плаши од идна ревизионистичка влада во Македонија но (не)свесно го искажа и стравот од слично сценарио во Атина.

Ниту Коѕиас ниту Ципрас можат да гарантираат дека утре Мицотакис или некој друг грчки лидер нема да се откаже од било каков договор со Македонија.

Со други зборови Коѕиас на виделина го исфрли стравот што не постои само во Македонија. И двете раководства што деновиве добиваат пофалби за нивната одлучност на отворена сцена во ЕУ и САД, се на стаклени нозе и се плашат за својата политичка иднина.

Ципрас владее со минус 13 % рејтинг зад опозицијата а Заев владее со тесно мнозинство во блокираното Собрание од кое зависи и Агендата 3 – 6- 9 и сите итни реформи.

Реакциите на јавноста (пред се на социјалните мрежи) на изјавата на Заев дека е подготвен за географска одредница и решението за смена на името на аеродромот и автопатот, е знак дека тој сепак има реална причина за страв во обидот да се дојде до елементарно фер решение.

Кај Ципрас, малиот број на демонстранти во Атина (150 илјади) град од 4 милиони луѓе е причина за дополнителна храброст пред следните избори во 2019 година но причина за страв се 23 % од демонстрантите на Синтагма кои според анкетите се гласачи на СИРИЗА.

Во секој случај во општа атмосфера на страв ниту Заев ниту Ципрас нема да можат да донесат големи и тешки одлуки.

Затоа во моментов и на двете страни им е потребна директна меѓународна помош.

Доколку многу брзо Заев и Ципрас од САД и Германија не добијат сигнал да не се плашат, состојбата може да се врати на ниво од летото 2008 по самитот на НАТО во Букурешт.

Ако сега веднаш поточно “вчера”, САД и Германија чии дипломати неофицијално се меѓу креаторите на планот што го спроведуваат Нимиц, Димитров и Коѕиас, не го поттурнат процесот во кој според изјавата на Коѕиас влегла нервоза, прашањето за името повторно може да влезе во темна фиока.

Но Вашингтон и Берлин освен лек против стравот, на Ципрас мора да му ветат помош во обидот да се консолидира а на Заев мораат да му дадат и гаранции дека Македонците по решението нема да треба на светот повторно да му докажуваат кои се и какви се.

Ако САД и Германија не се во можност да го сторат второто, нека се подготвуваат на нов егзодус. Или на разочараните и уништени (горно)Македонци кои ќе тргнат кон нивните држави или најмалку на дел од политичката елита за која овде ќе нема живот ако Заев отиде под националниот минимум: македонска нација и македонски јазик.

Забелешка
Секое неовластено објавување на оваа колумна ќе предизвика процес пред надлежните судски инстанци во Република Македонија или во странство

Оставете коментар