Ристова-Астеруд: ДУИ подготвува активности за 8 март

Ироничниот текст на професорката Каролина Ристова-Астеруд, иако на духовит начин навлегува во сите аномалии кои ги има во начинот на кој ДУИ како социјалдемократска партија ги третира жените.

Каролина Астеруд Ристова

„Од внатрепартиски извори (не ги кажуваме, заштита на извори, ама ако сте запнале, од Чаир се, толку само ќе кажеме) дознаваме дека во пресрет на Меѓународниот ден на жената, на последниот состанок на раководството на ДУИ, едногласно е донесена одлука за серија партиски активности за прослaвување на овој исклучително значаен меѓународен празник под знаменцата на ЕУ и на САД, како и под сите други знаменца што си ги веат на своите партиски јарболи.

Воедно, со таквите активности целта е да се потсети јавноста дека тие се нај-нај-нај социјалдемократската политичка партија во земјата, сериозно посветена на правата на жените и со импресивен број на женско политичко претставништво во Собранието, Владата и локалните власти. Меѓу предвидените активности се следниве:

1. Проекција на американскиот филм ALONG CAME A SPIDER на огромно платно на плоштадот ‘Скендербег’ (платното единствено не смее да биде со поголеми димензии од најголемото албанско знаме што е произведено во земјата и пошироко во регионот);

2. Распишување конкурс за најдобра песна на тема или барем со рефрен ‘Не, не ја тепај полицајката’, а за претседател на жири комисијата е назначен Бекир Асани;

3. За партиските членки и симпатизерки, организирање курсеви за шминкање на мотиви ‘сама се удрив’, ‘сама паднав’ и ‘сама се лизнав’ , а секоја од курсистките добива и придружен подарок – шминкерски сет, секако, ‘спонзориран’ од Македонски пошти, Македонски железници и сл. профитабилни државни компании;

4. Како партија која се бори за правата на Албанците, најенергично ќе побара под итно, баш на 8 март, со влегување сила веднаш, секако и со неизбежното „европско знаменце“, со забрана за амандмани и претседателско вето, да се донесе закон со кој семејното и родовото насилство врз Албанките ќе мора да се крене од минимум 20 % на минимум 50%, ако не и повеќе, како и со јасна заложба дека е крајно време оваа тема целосно да се детабуизира и дестигматизира како неподносливо дискриминаторска за мажите Албанци. За оваа законодавна иницијатива е задолжен Артан Груби, во јавноста познат уште и како Мистер Ајфелова кула;

5. Во врска со точка 4, а и како дел од доимплементацијата на Рамковниот договор, Анекс Ц посветен на мерките на градење на доверба, лидерот на партијата, Али Ахмети, како најредовен, најпосветен и најактивен пратеник во Собранието, ќе иницира нов закон за амнестија за ослободување од кривично гонење на членовите и функционерите на ДУИ (да не нагласуваме, се подразбира, строго од машки пол) по основ на кривичните дела на семејно и родовно насилство, како и во однос на сите инкриминации врзани за напади на (униформирани) преставници на државата во случаите кога се работи за преставнички, што ќе рече, кога тие се од женски пол. Законот ќе има неограничено правно дејство т.е се додека постои партијата ДУИ (читај, додека не се смрзне пеколот во МК), а ваквата партиска придобивка и привилегија ќе се рекламира и користи за регрутирање на ново машко партиско членство, но и на ново женско членство, без предрасуди и дискриминација по основ на пол, секако,тоа би било несоцијалдемократски, но под услов потенцијалното женско членство да декларира интерес за шминкерските курсеви наведени погоре, под точка 3, дотолку повеќе што истите треба да прераснат во осмомартовска партиска традиција.

Толку засега, за другите ќе ја почекаме јавната објава на 8ми март!“.