Ристова – Астеруд: Рамковниот не предвидува посебен Закон за јазици

Во својата анализа за причините поради кои Законот за јазиците е неуставен професорката Каролина Ристова – Астеруд, инаку екс пратеник на СДСМ, дава преглед на делот од Рамковниот Договор според кој воопшто не треба да има посебен закон за јазици туку проблемот да биде решен преку актуелните законски решенија.

Пишува
Каролина Ристова – Астеруд

ГРАЃАНСКИ ВОДИЧ НИЗ ЛАВИРИНТИТЕ НА НЕУСТАВНОСТА НА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ 2018

НЕУСТАВНОСТ БР. 3: НЕМАЊЕ ПРАВЕН ОСНОВ ЗА ЗУЈ 2018 КАКО ПОСЕБЕН И СПЕЦИЈАЛЕН ЗАКОН ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ ОД АСПЕКТ НА ПРАВНАТА СИСТЕМАТИКА ( И ПО РАМКОВНИОТ ДОГОВОР И ПО УСТАВОТ)

Во воведот на ЗУЈ 2018 година, во делот „Оцена на состојбите во областа што треба да се уреди со законот и причините за негово донесување“ самиот предлагач (Владата на РМ) ефективно се повикува на систематиката и содржината на Рамковниот договор од 2001 година (РД) во однос на употребата на јазиците, како и на Амандманот 5 на Уставот ( член 7 од Уставот на РМ) како подиректен правен основ за негово донесување.

Но, ако се тргне токму од пристапот на уставно-правната систематика и толкување, сосема е јасно дека предлагачот при „готвењето„ на овој закон, воопшто не ја мозгал „големата слика“ на правната систематика на нашиот уставно-правен поредок односно пристапил без минимални (правни) обзири за тоа каде оваа „турлитава од закон“ може правно- основано да се смести.

Со други зборови, немал никакви обзири за тоа дали и како ЗУЈ 2018 системски непречено би „лизгал“ во правниот поредок, како хармонично да се „взаби“ во истиот, и во однос на деловите засегнати од Рамковниот договор, и во деловите кои не се засегнати од Рамковниот договор. Севкупно, предлагачот не ги земал во предвид, ниту се обидел да направи релевантно, системско и корелативно „повикување„ на СИТЕ уставни одредби кои вака или така се однесуваат на уставно-проектираниот правен режим на (службените) јазици и „употребата на јазиците.“

Заради сопствената ноторна, вулгарна и безобзирна опсесија за некакво етничко (националистичко? ; национал-шовинистичко? ) политичко поентирање, како и недобронамерни, неоправдани и неконструктивни политички агенди во однос на политичка заедница на РМ и сите „други“ кои ја сочинуваат, особено со безобзирност, презир и „поништување„ насочено кон (етничкото) мнозинството, како и со исто толку јасна и времески темпирана политичка уцена за коалициона влада за таа цел, ЗУЈ 2018 наглава-нанос е кобајаги „лоциран“ по основ во Рамковниот договор и последователните уставни амандмани, но без соодветната правно- системска димензија.

Правно-системската димензија е тенденциозно игнорирана за да може многу полесно да се злоупотреби, повреди и надмине содржината на Рамковниот договор, по онаа фолклорната „да не се сетат душманите„ па да ја „видат и шумата, а не само дрвото”.

Засега, забележето и запамтете го ова, оти, како што ќе биде последователно укажано во деловите што следат, ваквото тенденциозно игнорирање на правно- системскиот пристап нужно води и до сериозни неуставни утки во поглед на македонскиот јазик, секако, на негова штета, и со повредување на она што навистина е договорено со Рамковниот договор, но и во аспекти и делови кои воопшто не ни биле замислени и политички договорени да бидат засегнати во една корелативна смисла и контекст. А и не само во однос на македонскиот јазик, туку и на другите јазици, над или под 20% („неалбански“). Но затоа, потоа.

Но, дури и ако се тргне само од “системскиот пристап“ на самиот предлагач онака како што во самиот почеток го набележавме, најапла може да се види дека ниту во „повиканите„ одредби на Рамковниот договор, ниту во уставот (рамковниот уставен амандман 5), има некаква правна основа за носење на еден ваков закон, и тоа баш во двата аспекта кои се релевантни по правно- системската логика: прво, како донесување на некаков посебен, сингуларен и специјален закон „за употреба на јазиците“; второ, по тематска содржина и што се опфаќа таа содржина.

За овој вториот односно содржински аспект ќе бидат посветени посебни точки во овој Водич, поконкретно расчленето, па затоа овде нема да се задржуваме на тоа, само контекстуално го констатираме од аспект на имање/немање уставно- правен основ. Овде ќе се фокусираме само на првиот аспект – дали има правен основ за носење на еден ваков посебен и специјален закон „за употреба на јазиците“од аспект на правната систематика проектирана во Рамковниот договор, уште повеќе во Уставот на РМ?

Ако некој/а земе да го отвори и прочита Рамковниот договор и се што е релевантно за „јазиците“, дури и не мора целата содржината, само насловите, сам/а ќе види дека во РМ, на „употреба на јазиците“ се посветени:

– точката 6 од главната содржина („Образование и употреба на јазиците“);
– „член 7 “ од Анексот А како договорена содржина на (идниот) „уставен амандман„ на Уставот на РМ;
– точката 8 од Анекс Б („Закони што се однесуваат на употребата на јазиците„);
– точката 6 од Анексот Ц („ Култура, образование и употреба на јазиците„).

Во самата главна содржина на РД, во точката 9, анексите А, Б и Ц експлицитно се набележани како „составен дел од овој Рамковен договор“ , а секој засебно е посветен на одредена проблематика, при што, првите два се однесуваат на строго правната проблематика која произлегува од РД (Анекс А- уставни амандмани и Анекс Б – измени во законодавството), додека Анексот Ц се однесува на „имплементација и мерки за градење доверба“.

Е сега, не треба да сте некаков (голем) правник, ниту нешто темелно да си тупите главата со анализа на содржината на одредбите во овие точки на РД и неговите анекси, ниту пак сето тоа да го поврзувате и системски да го анализирате во контекст на целината на македонскиот уставно-правен поредок, за да видите две работи: прво, од самиот (правен) јазик што се користи сосема јасно произлегува обврската за политичка и правна обзирност кон правно-системскиот пристап во последователното уставно и законодавно регулирање; второ, исто толкку, од авион се гледа дека по овој правно-системски пристап и логика што ги сугерира токму самиот Рамковен договор, ниту е замислено, ниту е договорено, ниту може правно- основано да се договори носење на посебен односно сингуларен и специјален закон за „употреба на јазиците“!

Уште поконкретно, како што се вели, од голо око се гледа и сосема е јасно дека она што се договорило во РД за „јазиците„ се однесува на засебни области кои во уставно-правниот поредок, во самото наше законодавство, преставуваат материја која се регулира во различни закони. За илустрација, и без да ја читате содржината на гореспоменатите точки од Рамковниот договор и неговите анекси, и на што/каде/како се однесува, туку баш тргнете онака најударно во однос на областите кои експлицитно се спомнати во насловите („образование„ и „култура“ ), може слободно да искоментирате дека „и малите деца знаат„ дека во „нашиот правен систем“, и уставно, и законски, ова е материја која се регулира во засебни закони.

Си имаме башка закони од областа на културата, башка закони од областа на образованието (а и сите други башка области што се наведени, ако веќе решите да навлезете во гореспоменатите точки од РД и неговите анекси), сосе регулирање на „употреба на јазиците“ (сето тоа mutatis mutandis, што би додале правниците) , па така, сето тоа што се договорило во Рамковниот договор само последователно , со сите правни нишани, треба/ло и се внесува/ло во тие и такви закони (завршена работа!).

На оваа тема и по овој основ на неуставност можете дури да си ја дозволите и уште поочигледната и помрзeливата варијанта, што ќе речат негде во некои други земји, онаа на „право за идиоти.“ (law for dummies, idiots’ guide to law). На пример, видете го само насловот на точката 8 од Анексот Б кој се однесува на „измени во законодавството“ а кој гласи ЗАКОНИ ШТО СЕ ОДНЕСУВААТ НА УПОТРЕБАТА НА ЈАЗИЦИТЕ , по што следи содржинска реденка на кои се прашања и области се однесува тоа, сосема целесообразно, и по системска логика што веќе ја образложив.

Значи, обрнете внимание, ЗАКОНИ, а не ЗАКОН. Нели, тоа е множина, не еднина, а тоа има исто значење и ефект и во светот на правото и во законодавството, како и во се другото во животот, ве уверувам.

Севкупно, сосема е јасно, предлагачот на законот и за една ваква, крајно едноставна, но крајно суштинска работа од Рамковниот договор, последователно и од уставот, ни глуми „изгубен во преводот“ меѓу Итар Пејо и Глупи Август. Последицата за тоа е уште еден пример и уште еден основ на повреда на Рамковниот договор, на неговата вградена содржина во уставот, на други содржини и делови од уставот (како што ќе следи), како и на последователното законодавство (како што ќе следи), баш онака, со еден голем и срамен упад и повреда, меѓу другото, и од правно-системски димензии, со сите последици што тоа ги подразбира по содржините на Уставот, почнувајќи од повредата на владеење на правото како темелна уставна вредност.

SHARE