Пред продолжението на Европското ракометно првенство со дуелот утревечер од 20:30 часот против Шпанија во Вараждин, полека се вжештува атмосферата и во македонската репрезентација, а за очекувањата зборува голманот Борко Ристовски.

„Во секој натпревар ќе се бориме како против Германија. Ние не сме Данци, Швеѓани или Германци, но полуди сме од сите нив заедно. Жал ми е што го напуштивме Загреб, бидејќи тоа ми е вториот најмил град, во кој и приватно често доаѓам, но се надевам дека ќе се избориме и за враќање“, вели македонскиот „министер за одбрана“.

Три до четири бода од средбите со Шпанија утре, со Чешка во вторник и со Данска в среда им се потребни на избраниците на селекторот Раул Гонзалес за да се вратат во главниот град на Хрватска, каде што ќе се одигра завршницата на шампионатот.

Македонија е трета во втората група од вториот круг со три бода, но и натпревар помалку од водечките Данска и Германија. Шпанија, исто така со меч помалку, има два бода, а последна е Словенија со еден.

„Ако некој ни речеше пред првенството дека ќе освоиме пет бода и ќе бидеме први во групата, ќе му речев дека е луд. Ние сме вистински луди. Ние сме луда дружина. Мислам дека сите видоа дека се бориме против секој тим, без оглед дали се актуелни бранители на титулата. Го имаме тој оган внатре во нас“, додава 35-годишниот чувар на мрежата на Барселона.

Според бројот на одбранети топки, Ристовски моментно е 14. меѓу колегите на првенството, а процентот на одбранети удари му е 28, но тој ги запираше противниците во клучните моменти, кога се решеваше освојувачот на бод(ови).