Роамингот со Бугарија ќе поевтини до средината на 2018 година

Министерот за транспорт на Бугарија, Ивајло Московски, најави поевтинување на роамингот со Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, од средината на 2018 година.

„При престојот во Струмица на 23 ноември за заедничката седница на владите на Бугарија и на Македонија ќе го потпишеме првиот договор. Годишно во Македонија одат 250.000 Бугари, а во Бугарија околу 300.000 Македонци секоја година. За 600.000 луѓе е важно да не плаќаат по 6-7 лева за една минута разговор. Ќе бидат намалени и цените за интернет и за сите мобилни услуги. Тоа ќе биде доказ за реалните чекори за инклузијата на државите од Западен Балкан“, изјави Московски за бугарскиот портал „24 часа“.

Министерот вели дека бугарските оператори ја потврдиле согласноста за тоа, а позитивно мислење дале и западнобалканските телекоми. Тој не прецизира колкаво ќе биде поевтинувањето, одговарајќи само „неколкукратно“.

„Државите од Западен Балкан имаат тарифи меѓу себе, кои се доста прифатливи. Идејата е тие да важат и за Бугарија“, изјави Московски.

Оставете коментар