Loading...

Реал Мадрид продолжува во обидот да ја обрани титулата во Лигата на Европските фудбалски шампиони откако вечерва по втор пат славеше со ПСЖ. На Паркот на принцовите во реванш осмина-финалето кралевите славеа со 2-1 и со вкупни 5-2 одат во натамошните борби каде што очекувано се најде и Ливерпул кој по убедливото славје кај Порто од 5-0 вечерва на својот Енфилд Роуд одигра само 0-0.

Во Париз во поатрактивниот меч од првиот ден од програмата во овој круг домаќинот без Нејмар не беше ни сенка од доброто издание на Сантијаго Бернабе, Реал беше подобар од почетокот, а казната стигна во 51 минута кога Алвеш згреши Асенсио повлече, а Лукас Васкез го погоди во „трепавица“ Кристијано Роналдо кој заби со глава. Тука приказната околу патникот за четврт-финалето стана јасна, а ја заврши Марко Верати кој нервозно реагираше, па главниот судија Феликс Брихт му покажа втор жолт картон.

По ова ПСЖ само успеа од една од ретките шанси да погоди преку Кавани во 71 минута за 1-1, но и Реал да затвори со гол на Каземиро кој ги постави конечните 2-1 во 80 минута. За тоа колку Реал беше подобар најдобро говори податокот дека неговите фудбалери упатија 21 шут кон голот на Ореола, а три од нив завршија во стативата.

Утре во новите средби од осмина-финалето во ЛШ, Манчестер Сити со 4-0 го дочекува Базел, а Тотенхем со почетни 2-2 во Лондон игра со Јувентус.